Политиките на СДСМ се катастрофални. Неколку кризи се позади нас и моментално живееме во услови на криза. Во претходната ковид криза последни бевме по добивањето на вакцини. Најпрвин започнавме со проблеми со тестирањето за да на крај последни завршиме со процесот на вакцинација. Се сеќаваме и на пожарите летото во Македонија каде молевме низ цела Европа да дојат луѓе да ни помогнат бидејќи властите СДСМ и ДУИ но и градоначалниците на СДСМ во тие општини не беа способни да се справат со огнената стихија. Сега гледаме и со енергетската криза иако ги предупредувавме дека ќе се случи. Можам да заклучам дека и тука покажаа некадарност и неспособност која е најголема во Европа, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски на настанот во хотел Хилтон, запрашан за коментар за антикризниот пакет мерки во вредност од 400 милиони евра.
Тој посочи дека, денеска поради овие таканаречените политики на економскиот тим на СДСМ и ДУИ Македонија за жал и во 2021 година е последна според растот на БДП во регионот.
„Според дефицитот во буџетот ние сме рекордери каде имаме најголем дефицит во регионот, така што ако ова е успех тогаш јас не би се сложил со изјавите на Дарко Каевски дека економските политики даваат резултат бидејќи тие даваат резултат но во негативна насока. Ние имаме стагфлација бидејќи имаме висока инфлација којашто веќе е двоцифрена, а при тоа имаме стагнирање на економијата. За жал тоа влијае директно врз стандардот на граѓаните и на нивната куповна моќ“, рече Мицкоски.
Запрашан, дали има пари во буџетот за да се реализираат антикризните економски мерки, за кои ВМРО-ДПМНЕ бара да бидат поопфатни, односно поголем број граѓани да добијат државна финансиска помош, Мицкоски посочи дека, пари има ако не се краде од страна на функционерите на власта.
„Сме го кажале тоа, има пари ако не се краде, а бидејќи се пљачкаат граѓаните, се пљачка буџетот, пари нема, нормално. Доколку не се пљачка, доколку не се краде, пари ќе има. Еве и ова ново задолжување што го најавуваат од 600 милиони евра, тоа ќе бидат повторно покривање на непродуктивните трошоци. Сега да не ги редам, сме ги соопштиле тие како партија на прес конференции кои се министерства имаат непродуктивни трошоци. Доколку тие непродуктивни трошоци, тие непродуктивни трошења, односно таа пљачка и тој криминал се прекине, односно не се случи, тогаш пари ќе има“, истакна Мицкоски.
Додаде дека, пари ќе има и за повисоки плати, но и за повисоки пензии, односно за 20% покачување на пензиите, пари кои што последните три и пол години, власта предводена од СДСМ им ги одземала.
„Ќе има и за повисоки пензии, тоа што го предлагаме 20 % повисоки пензии, бидејќи таква е нашата пресметка од моментот кога се смени законското решение за покачување два пати годишно на пензиите според растот на трошоците на живот и растот на просечната плата, до сега воведување повторно на оној стар концепт кој што го нарекоа некој швајцарски концепт, не знам кој ги насамарил така прописно. Но, суштината е дека изминативе три и пол години, власта на пензионерите им одзема 20-тина проценти од нивните пензии, затоа ни побаравме да имаме зголемување на пензиите од дваесетина проценти. Практично на луѓето да им го вратат тоа што им го потрошија“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека во државава имаме политичари што голтари влегуваат во политика, а излегуваат милионери и милијардери, кои после тоа отвораат дури и фондации.
Во однос на растот на платите, Мицкоски рече дека, побараа да имаме нивелирање според сложеноста на работните места и коефициентот на сложеност на работните места виз а ви минималната плата, но дека таквото барање беше одбиено од страна на владејачкото мнозинство.
За акцизата на нафтените деривати, рече дека побараа намалување од 50% затоа што така ќе се овозможеше реална поддршка за граѓаните и стопанството, додека пак со намалувањето на ДДВ на 10%, како што направи власта, не се спречува ниту инфлација, ниту пак се спречува намалувањето на стандардот на граѓаните.
„Побаравме да имаме намалување на акцизата, затоа што тука е практично, реалната поддршка за граѓаните и за стопанството, бидејќи акцизата е таа која што влегува во даночната основица со намалување на данокот на ДДВ, практично ние не ја спречуваме инфлацијата и не го спречуваме намалувањето на стандардот на граѓаните. И тоа не не послушаа и тоа го одбија, бидејќи повторно ќе кажам, го полнат буџетот за да крадат“, рече Мицкоски.
Единствено нешто што власта се одважи и ја послуша опозицијата, е тоа што го продолжи рокот за намаленото ДДВ од 5% на сметките за електрична енергија, од 30 јуни до 31 декември, но сепак додава Мицкоски, тоа нема да спречи после 30 јуни да имаме нов ценовен шок.
„И конечно нешто еве што можам да ги пофалам дека го прифатија предлогот од опозицијата, е тоа што ги продолжија оној процент од 5% за данокот на ДДВ за сметките за електрична енергија. Тука во ред е, еве еднаш се одважија и прифатија нешто што опозицијата го предложи, да не заврши на 30 јуни туку да трае до 31 декември иако мислам дека на 30 јуни ќе имаме нов ценовен удар за граѓаните, бидејќи ќе имаме повторно повисоки сметки за електрична енергија“, истакна Мицкоски.
Comments are closed for this post.