По општинските комитети се бара возило повеќе за да им се овозможи на луѓето кои изразиле желба да присуствуваат на протестот в сабота, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и најавува масовност.Знамиња, пароли, пораки за промени, обезбедување возила за превоз… Во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ е многу фреквентно, со оглед дека привршуваат подготовките за најавениот протест на 18-ти јуни во Скопје.

Очекувам голема посетеност и одзив на народот на протестот кој ќе се одвива под слоганот ‘Премногу е! Протест за промени – вели за ДВ лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Тој уште минатиот месец 18-ти јуни го опиша како датум-меѓник помеѓу првиот и вториот дел од партиските активности, кои ќе бидат континуирани во текот на летото. Според најавените активности, ова лето ќе биде политички многу жешко, а според економските показатели – и многу тешко.

Лошиот живот, инфлацијата, лошата економија стануваат неподносливи, а огромен број на граѓани бараат излез од актуелната состојба. И, знаејќи дека поминаа 5 години од истата влада, многу јасно е дека за неколку месеци од сега нема да се живее подобро. Од тој аспект најдобро решение се избори, на кои оваа Влада ќе биде срушена. Подготовките течат на солидно ниво и можам да кажам дека има огромен интерес и одзив на многу луѓе кои ќе дојдат во Скопје на 18-ти јуни. По општинските комитети се бара возило повеќе за да им се овозможи на луѓето кои изразиле желба да присуствуваат на тој протест – вели партискиот претседател.

Мобилизација и масовен активизам

Со масовно присуство партијата сака да испрати порака до власта какво е расположението на граѓаните за промени, но и свесна е дека тие промени не може да се случат ниту преку ноќ, ниту со еден протест.

Оваа власт која силно ги узурпира институциите и процесите не е можно да падне со еден протестен собир. Целта на протестот е да испратиме порака на масовност, дека овој народ има свој став, но и да дадеме јасна порака дека вака повеќе не може. Воедно ќе испратиме и порака дека Владата не смее да го игнорира народот и неговата волја, и затоа во периодот што следи ќе бидеме уште погласни и уште поприсутни, и во тој аспект сите опции се возможни – најавува Мицкоски, кој на протестот ќе има обраќање пред граѓаните.

Во овој момент лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не ги открива сите можни опции, но вели дека тие ќе кулминираат со масовен активизам.

Наредните чекори ќе бидат во правец на рушење на власта користејќи ја демократијата, улицата и обединувајќи го народот против најголемата причина за колективната несреќа, а тоа е оваа власт. Кога нема никаква причина да се одржи Владата, природно е да се провери волјата на народот и да има избори. Доколку таа можност се одбие, тогаш на сцена ќе стапат чекорите кои ќе ги најавиме во периодот што следи, а се во насока на мобилизација и масовен активизам – најавува Мицкоски.