Сите душегрижници кои мислат дека во ВМРО-ДПМНЕ има некаков раскол или некакви недоразбирања се лажат. Можам да ги разочарам, не само што нема раскол, туку партијата е единствена и во периодот кој следува продолжува да ги презентира своите политики, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во коментар за ставот на одредени негови сопартијци дека не е добро да има бојкот на референдумот на 30 септември, Мицкоски во интервју за ТВ Канал 5 наведе дека тоа е принципиелен, искрен и чесен став повторувајќи го повикот до членството и граѓаните да одлучат според сопствено убедување.
Потпретседателот Митко Јанчев, поранешниот висок функцинер на партијата Никола Тодоров… излегоа со сопствен став кој е во рамки на партискиот став. Јас не така одамна во една емисија кажав дека партискиот став е едно големо множество и во него има многу подмножества, така што нашето големо множество ги опфаќа сите оние граѓани кои на 30 септември ќе постапат на начин на кој ќе постапат, ќе апситинираат, ќе излезат и ќе гласаат вака или онака или еве како Тодоров ќе го направат ливчето неважечко, рече Мицковски.
Тој наведе дека во Законот за референдум јасно стои што е успешен, а што неуспешен референдумски процес, кој, пак, оцени дека се води катастрофално со сосема погрешни и манипулативни пораки.
Прашан дали очекува другите 28 пратеници да го следат примерот на 20-те кои се изјаснија дека нема да гласаат за уставните промени, Мицкоски рече дека очекува на 30 септември граѓаните, без разлика дали се пратеници, уметници, домаќинки, лекари., адвокати,. инженери…Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, да го искористат своето елементарно демократско право да одлучат како ќе постапат, дали ќе излезат или ќе одлучат да апстинираат.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски повтори дека неговиот личен став ќе се знае на 30 септември.
Comments are closed for this post.