Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е убеден во победа на претстојните претседателски избори. Партијата не размислува за бојкот, но вели не ја исклучува можноста граѓаните во вториот круг од пркос и револт да бојкотираат предизвикани од злоупотреба на правото на глас, прогони, притисоци…

Зошто ние да размислуваме за бојкот. Ние воопшто не размислуваме за апстиненција на првиот или на вториот круг. Ова е наптревар во кој ние треба да спротивставиме политички платформи. Се разбира доколку има злоупотреба на правото на глас, доколку ни се случуваат оние настани кои се случија за време на референдумското изјаснување на 30 септември минатата година кога имаше гласање за 2,4 секунди излезност од 95 проценти, ако продолжи злоупотребата на државната администрација, ако  гледаме дека има политички прогон, притисоци, тој продолжува за време на изборната кампања, вештачки вработувања во државната и локалната администрација… тоа можат да бидат предуслови што на нас може да не доведат до одлука, не само ние како ВМРО-ДПМНЕ, туку и граѓаните во целост да пројават еден вид пркос и револт и да не излезат на вториот круг за гласање на претседателските избори, рече Мицкоски во интервју за Сител.

Тој смета дека тоа би било лошо и за државата и за евроатлантските интеграции.

И во име на тоа јас апелирам до Владата, до сите оние луѓе кои се блиски до Зоран Заев да не се поигруваат со моќта што ја имаат раководејќи определени институции или министерства во државата затоа што иднината на Република Македонија ќе биде доведена во знак на прашање. Затоа нам ни се императив чисти и демократски претседателски избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека во партијата не размислуваат за пораз затоа што, вели, имаат кандидат кој гарантира поддршка од страна на граѓаните.

Таа енергија ја добиваме секојдневно на терен. Јас сум на терен, кандидатот е на терен, партијата е на терен. Јас сум убеден во нејзината победа во првиот круг, но и нејзината конечна победа, потенцира Мицкоски.