До пред осум месеци власта тврдеше дека немаме ресурси и дека ќе нема ефекти од воведување кризна состојба, реагираше вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со став дека ова е чекор назад во борбата со Ковид-19. Тој на Фејсбук и преку видео потсети на некои од изјавите пред осум месеци, во кои премиерот Заев тврди дека воведувањето на кризна состојба „нема да ги даде очекуваните ефекти од безбедносен и здравствен аспект“, а претседателот Пендаровски дека „немаме ресурси тоа да го покриеме“.
Пред 8 месеци предложив воведување на кризна состојба, пред сè затоа што таа е регулирана согласно закон, без можност за широки толкувања, што би се рекло – со помали шанси за злоупотреба. Тогаш одговорот на Заев беше дека кризна состојба нема да ги постигне посакуваните ефекти, а Стево Пендаровски велеше дека за ангажирање на војската и ресурсите не е потребна кризна состојба и дека државата нема ресурси за прогласување на кризна состојба на целата држава“, потсети Мицкоски.
Тој вели дека тогашното прогласување на вонредна состојба која е непрецизно регулирана, на власта и’ дало можност за масовни злоупотреби во пресрет на изборите – легализиран поткуп во форма на картички за еднократна употреба, субвенции и дотации.
Денес кога парите се потрошија, потрошија 2 милијарди евра, кризата со Kовид не се намали, дојдоа на мојот став дека е потребна кризна состојба. Но, денес корона заразата руши рекорди по распространетост, а системот е целосно блокиран. И не можам да сфатам како на Пендаровски и Заев им е толку лесно себеси да се посипат со пепел и да играат на картата за кратко помнење, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски смета дека исто како вонредната, така и кризната состојба нема да биде искористена за декларираните цели.
Ве уверувам дека и кризната состојба нема да биде искористена за вистинска борба против Ковидот, туку за замајување на јавноста дека работат нешто, додека пандемијата ќе продолжи да одзема животи поради неспособност, читајќи ги сите оние сведоштва за личните трагедии на луѓето кои ги губат своите најблиски. На крај, како тоа има потреба за кризна состојба, а Заев тера избори во криза во Штип и Пласница? Ќе почекаме да дојдат на ставот дека нема услови за корона избори“, оцени Мицкоски.
Comments are closed for this post.