Аферата „Рекет“ е најголемата корупциска афера и според сведочењата на луѓе кои биле околу таа група луѓе кои денеска се осомничени, знаат дека тие не се тие кои го напишале сценариото и го операционализирале.
Не може овие тројца луѓе – притвореничката Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски тоа да го направат без согласност на некој многу моќен политички човек, вели претседателот на ВМРО- ДПМНЕ во интервју за денешното издание на весникот „Вечер“. Лидерот на најголемата опозициска партија зборува за предвремените избори и за можните коалиции, за Преспанскиот договор, за аферата Рекет, за пописот и за други актуелни теми.
„Не“ за антиквизација и „не“ за севернизација, туку за големо „да“ за враќање на македонизмот во Македонија“ е концептот на вашата партија. Најавувате обнова на Македонија, а поминаа само три години откако претходно 10 години бевте на власт. Преродбата беше во 100 чекори, колку и какви чекори се потребни за обновата?
Мицкоски: Чувствувам дека општеството го загуби сопствениот идентитет, се одеше од крајност во крајност и тоа, според мене, е голем проблем. Талкајќи по идентитетот од една во друга крајност го изгубивме вистинското-македонизмот, што ни е всушност сврзното ткиво. И тоа во иднина ќе биде доктрината на ВМРО-ДПМНЕ, да се завртиме кон самите себе и да се вратиме на нашите корени кои почнуваат токму тука, во Македонија. Обновата е неопходна по пустошот и пљачката кои што зад себе ќе ги остави Зоран Заев и Владата на СДСМ. Еве, по три години, јас денес не можам да издвојам нешто што можам да кажам еве – ова што го направија е навистина добро, имаме само понижувања, омаловажувања и примитивизми од типот на „мало сутра“. А ние политичарите треба да сме пример, особено за младите луѓе за тоа како да се однесуваат, како да се изразуваат. Слушајќи го Зоран Заев, денес луѓето се разочарани од она што го слушаат – тотално безидеен, слушаат за тепсијата со баклавата и наидуваат на примитивизам кој ги разочарува младите граѓани и одлучуваат да ги спакуваат куферите и да заминат од нашата држава. Ете затоа ни е потребна обнова, а не затоа што ние сме опозиција, па се бориме за пуста власт и привилегии. Сигурен сум дека граѓаните може да ја почувствуваат разликата во првите три години од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ 2006-2009 и овие три години откако на власт е СДСМ 2016-2019 година. Особено сум загрижен по информациите за предлог-буџетот за 2020 година и политиките кои планираат во предизборието да ги спроведат од тој предлог буџет, не гледам никаква логика-напротив од сиромашна држава сакаат да направат што посиромашна држава. Сакам да ги убедам граѓаните, иако е голем предизвик и не е лесно, дека не се сите исти и дека ние ќе успееме во Обновата за Македонија.
Ако обезбедите мнозинство во Собранието, по изборите во април најавувате чекор наназад во врска со Преспанскиот договор. Дали се реални очекувањата дека нешто може да се смени и да се поништи Договорот од Преспа. И Мицотакис најавуваше дека ќе го поништи Преспанскиот договор, но кога дојде на власт омекна по ова прашање.
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ никогаш не учествуваше во овој процес на носење на тој договор, ВМРО-ДПМНЕ не беше дел од тој срамен процес на притисок на пратеници, ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваше и до ден-денес тврдиме дека Преспанскиот договор е штетен за националните интереси на македонскиот народ. Имаме две опции, едната е чекор назад, односно две третини во рамките на парламентот, или 80 пратеници кои би гласале за чекор назад. Втората опција што ни стои на располагање е многу работа, засукување ракави, многу реформи, Македонија на брза лента и Македонија во европското семејство и однатре да се обидуваме да ги менуваме работите. Она што е важно е тоа што ниту овој Договор, ниту кој било друг Договор на Македонците може да им забрани да се наречат Македонци, кои говорат македонски јазик и се од Македонија.
Зошто не сакате една изборна единица? Не сметате ли дека ваков чекор ќе претставува вистинска обнова на Македонија и ќе се овозможи рестартирање и освежување на политичката сцена од ексклузивитетот на двете партии во македонскиот и албанскиот блок?
Мицкоски: Разговорите за една изборна единица се неискрени кон гласачите, затоа што се јасни препораките на ОБСЕ и ОДИХР дека изборен модел може да се промени најрано една година пред одржувањето на парламентарни избори, а ние сме на неколку месеци – помалку од два месеца до техничка влада, три месеци до распуштање на Собранието. Тие се исплашени и сега се обидуваат да најдат начин како да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ, но вистината, за жал, не е на нивна страна.
Италијанскиот новинар не престанува со обвинувања за наводна вмешаност и на премиерот Зоран Заев во најголемата корупциска афера. Во екот на Рекет се шпекулираше дека ВМРО-ДПМНЕ ги добила снимките и дека вашата партија му ги дала на Гајсер?
Мицкоски: Не сум имал можност ниту да се запознам со Гајсер, ниту да го видам во живо. Знам дека е успешен новинар и ништо повеќе. Ние не се занимаваме со воајер политика, сакаме да се занимаваме со политика која нуди решенија за реални проблеми. Воајер политиката беше ремек-дело во времето на Зоран Заев, кога ја предводеше опозиција и пушташе нелегално стекнати материјали.
Обвинителката Русковска најави дека можно е да бидете испрашан во врска со аферата „Рекет“. Сте имале ли досега повик од Обвинителство? Имавте ли Вие сознанија и од други бизнисмени од кои биле барани пари, и дали поседувате снимки?
Мицкоски: Има уште десетици луѓе кои биле жртва на рекет од владини функционери, од луѓе кои управуваат со институциите во државата и целокупниот тој материјал што ни го доставуваат, ние ги мотивираме и охрабруваме да го достават во обвинителството, онаму каде што му е местото, оти ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија. Ние ќе чекаме обвинителството да постапува по тие материјали, ако не постапат, ќе видиме.
Дел од бизнисмените сè уште се плашат да пријават, оти, нели, „дојде живот„, после ќе нема инспекција која нема да ги посети нив и нивните бизниси. Иако Русковска ме контактираше во јули, еве сега сме ноември, досега никој не ме повикал, ниту ми испорачал некаков документ за да одам во обвинителство да дадам исказ. Како сега ние да веруваме на оние документи кои ги потпишува Русковска против кого било во државава кога таа во интервју на телевизија не ја говореше вистината.
Можеби дел од доказите останале, можеби не останале во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но јавноста ќе дознае доколку гледаме дека обвинителството не постапува. Прво ќе му дадеме шанса на Обвинителството.
Колку, според Вас, „Рекет“ влијаеше и ги уништи и најмалите шанси за добивање на датум за преговори?
Мицкоски: Кога ќе слушнете порака од Брисел дека Македонија испорачала резултати, испорачала тоа каде што учествуваше и опозицијата и тоа во неколку процеси. Иако се испраќаа лажни вести дека опозицијата ќе ги бојкотира претседателските избори, ние викавме дека напротив, ние ќе ве победиме. За жал, се случи тој изборен инженеринг и други објективни ограничувања кои ги имавме како опозиција. Најдобриот кандидат кој некогаш се појавил како кандидат за претседател на државата да биде поразен од потпросечен кандидат. Потоа се случи процес на конструктивна работа во рамките на Собранието, каде што ние учествувавме како опозиција и ги поддржавме реформските закони. И покрај сите напади од нашето членство дека сме пасивни, во екот на најголемите криминални и корупциски афери му дадовме шанса на целиот процес, си велиме октомври ќе дојде, можеби датум за преговори ќе го врати оптимизмот кај граѓаните, но фактите се поразителни и ние не добивме датум. Тоа не е затоа што опозицијата не испорача, тоа е поради тоа што Владата не испорача, но секој оној што не ги гледаше знаците покрај патот, го изгуби патот. Не се на прав пат, како што велат, туку на многу погрешен пат. А знаците беа многу јасни – нула толеранција за корупцијата, нула толеранција за криминалот, доста е од политички уцени, злоупотреби на законите и на Уставот, но тоа некој не успеа да го види и не успеа да го испорача.
Аферата „Рекет“ е најголемата корупциска афера и според сведочењата на луѓе кои биле околу таа група луѓе кои денеска се осомничени, знаат дека не се тие кои го напишале сценариото и го операционализирале. Не може овие тројца луѓе – притвореничката Катица Јанева, Бојан Јовановски, и Зоран Милевски тоа да го направат без согласност на некој многу моќен политички човек. Имаме директно и индиректно учество на висока политичката елита во аферата „Рекет“, но верувајте не е само „Рекет 1“, има и „Рекет 2“ , „Рекет 3“. Не се знае колку продолженија ќе има оваа афера.
Сега Зоран Заев практично игра all in со сите нас, како што беше тоа со националните интереси и со парите на граѓаните затоа што сака единствено да ја продолжи сопствената политичка кариера, затоа што мисли дека се во животот се купува со пари и дека на тој начин ќе може да тргува со поддршката на граѓаните. Тој истовремено е и исплашен човек затоа што знае дека по поразот на 12 април следува одговорност, и нема да може да се соочи со вистината со целокупниот срам и со сите лаги. Ви ветувам дека ќе има одговорност за секој оној што се огрешил пред законите и оваа игра all in повторно ќе ја изгуби, но, за жал, ќе изгуби и дел од македонското општество и граѓаните.
Ставот дека ЕУ и понатаму е нашата единствена опција, после корпата од Франција, влијае дополнително разочарувачки врз електоратот. Имаме ли воопшто капацитет да функционираме и без ЕУ? Ваше мислење за малиот шенген на Балканот или опцијата Евроазиска Унија?
Мицкоски: Не е само Франција, тоа е лагата што ја сервираат од „Илинденска“ број 2. Таму одлуките се носат едногласно или не се носат. Во нашиот случај не се донесоа. Тоа што сега секој таму се обидува да ја алоцира вината, не кај се себе, туку кај другиот, тоа доволно говори дека ние сè уште не сме свесни дека ние сме тие кои треба да се променат. И повторно ќе ни се случи некое ново НЕ, ако повторно не ги видиме знаците кај патот.
Наша стратешка цел е Европската Унија. Ние и сега сме без Eвропската Унија па функционираме, но она што е веднаш потребно е да се промениме ние внатре, зашто во спротивно Европската Унија за нас ќе стане недостижна цел. Колку ние мислиме дека сме поблиску, толку сме всушност подалеку. Ако ние не се промениме, не можеме да очекуваме европски вредности и награда. Не можеме само да седиме и да очекуваме дека некој ќе не награди со членство во Европската Унија. Не може Зоран Заев да оди во Брисел и да очекува датум за преговори, и истиот ден на шверцерски начин со злоупотреба на европското знаменце во Собранието да сака да го протне законот за опојни дроги. Тоа е она лицемерие. Тоа го гледаат луѓето оттаму и на нив тоа им е јасно, едно зборуваме, а друго правиме.
Поради изборите за напролет, договорено е дека пописот ќе се одржи во 2021, – што всушност беше и ваше барање, иако сте далеку од компромис со власта околу законот за попис. Искрено, ве плашат ли бројките од пописот? Колку од вашите најдобри студенти се надвор од државава? Сте се обиделе ли да ги убедите дека треба да останат, дека и во Македонија ќе дојде подобро утре?
Мицкоски: И тој во 2002 што се смета за признат и успешен не рефлектираше реални статистички податоци, туку политичка волја и политички договор. Нашата интенција е таа, немојте и сега да ни случи политичка операција, нам ни треба статистичка операција, која ќе одговори на многу прашања и ќе даде насока за иднината на оваа држава во следната декада. Не би сакале после многу години од последниот успешен попис да имаме повторно неуспешен попис, односно политичка операција. Ако сакаме, пак, политичка операција да не ги трошиме парите, да седнеме на маса како во Босна и да се договориме – толкав е процентот на едниот етникум, толкав е на другиот, третиот и така натаму. Но тоа не е чесно.
Бројките се алармантни, иселувањето е катаклизмично. Бројката на чевли оставени пред Владата многукратно се мултиплициташе. Сликата е тажна, осум од десет дипломци сакаат да ја напуштат Македонија, а 5 од десет се одлучуваат веднаш по нивното дипломирање. Дека селата се празнат е стара вест, сега градовите се празнат, без разлика во кој дел од Македонија. Се полнат автобуси кои на дневна основа ја напуштаат Македонија. Тоа е кога ќе ги кренете лажно очекувањата за да се дограбите до власт и моќ, а разочарувањето доаѓа кога реалноста е многу поинаква од она што го ветувате.
Неодамна разговаравте со осумтемина исклучени кои сега во Собранието дејствуваат како независна група. Одлучивте да ги исклучите поради тоа што гласаа за уставните измени, што беше спротивно на партиската одлука. Би ги ставиле ли повторно на вашата кандидатска листа овие пратеници?
Мицкоски: Тие пратеници мислам дека во овој момент не се во радарот на ВМРО-ДПМНЕ за било какво нивно понатамошно ангажирање, посебно на политичките листи. ВМРО-ДПМНЕ кадровски е реструктирана, реформирана, во моментор испитуваме повеќе од 500 имиња кои можат да бидат дел од пратеничките листи, но меѓу нив не се имињата на овие луѓе.
Би коалицирале ли повторно со помалите партиите кои беа дел од вашата коалиција за подобра Македонија, а на последните избори ви свртеа грб и отидоа во коалиција со Заев?
Мицкоски: Секоја политичка партија која има точка на поврзување со политиките на ВМРО-ДПМНЕ, има можност да седне да разговара, да видиме кои се условите за можна соработка. Тука немам предрасуди ниту било какви фрустрации.
Каков е вашиот коментар на оние кои ве споредуваат со Груевски и кои велат дека само ја продолжувате неговата политика? Дали имате контакти со Груевски?
Мицкоски: Ние не можеме да ги споредуваме политиките на партија на власт и на лидер кој бил премиер, и партија во опозиција и претседател на таа партија. Тоа е народски кажано, како да споредувате баби и жаби. Тоа е стратегијата што ја избрала Илинденска бр. 2 зошто немаме за Христијан што да кажеме, а тие оцениле дека Никола Груевски е негативен лик, па ајде сега ќе го поврзуваме. Христијан нема ниту плантажи со марихуана, нема криминал, не бил градоначалник да биде аболиран од претседател, речникот му е пристоен, и сега ќе го напаѓаме оти не се оградил од политиките на Никола Груевски. Реалноста е дека ВМРО-ДПМНЕ има автентична опозициска мисла, и во опозиција покажа карактер многу поразличен и подржавотворен од која било опозиција во минатото.
Кој министер од моменталната влада со задоволство би го земале во вашите редови? Има ли барем една светла точка?
Мицкоски: Јас за министрите не можам да го користам ни зборот добар, можеби на еден или на двајца би им дал преодна оценка двојка, но не би споменувал имиња. Не дека сум јас многу строг, мене студентите ме знаат како правичен професор и затоа еден или двајца би се бореле за шестка, сите останати би ги вратил на Институт или би чекале друга шанса во друга сесија. Не ги споменувам кои се за да ги заштитам од меѓусебни расправии.
Сè погласно се зборува дека доколку дојдете на власт и седнете во премиерската фотелја, дека без пардон прво ќе се пресметате со сите во вашата партија кои се огрешиле од законот?
Мицкоски: Нема јас да се пресметувам, никој не ми го дал тоа право. Ако победиме, а јас сум убеден дека ВМРО-ДПМННЕ ќе ја формира следната Влада, ние ќе се занимаваме со развој, а тоа може да се овозможи само со владеење на правото и доколку секој што ги прекршил законите сноси одговорност, без разлика дали бил дел од ВМРО-ДПМНЕ, дали бил дел од СДСМ или бил политички неопределен, а сторил кривично дело. И идните раководни лица, без разлика дали се министри дали се заменици министри, директори кои ќе се огрешат пред законите јас ќе бидам првиот кој ќе бара одговорност од нив и кој ќе ги дистанцира од политичката сцена, без разлика на тоа колку биле блиски со мене и колку заеднички битки сме воделе и сме победувале. Ако сакаме да победиме во најважната битка, а тоа е битката за Македонија, ние мора да го вратиме владеењето на правото, да ставиме стоп на семејното владеење во Македонија и да фокусираме на успехот на индивидуата која во мозаикот гради успешно општество. Ако тоа не го направиме, јас сум загрижен дека Македонија нема да успее. Тоа е начинот на кој идната Влада ќе ги води политиките. Сè останато е само реторика без испорачување на резултатите. Политичарите на иднината се слуги народот, заврши времето на привилегии.
Како лидер на партијата, ќе понесете ли одговорност доколку во април не формирате Влада?
Мицкоски: Ние ќе победиме и тука нема никаква дилема, но ако не формираме Влада, еве уште еднаш кажувам да – ќе понесам одговорност.
Comments are closed for this post.