Лидерите на двете најголеми партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски денеска побараа одложување на изборите. Двајцата се сложни дека здравјето на луѓето е најважно и оти во овој период не е е време за избори.

Сите препораки на релевантните домашни и светски организации се дека најдобар одговор за справување со вирусот е одбегнување на активности. Токму кога се предвидувањата за пикот на здравствената криза, во Македонија ќе треба да се одржат избори. Со вакви анализи и предвидувања изборите би значеле отворање на нови жаришта со коронавирус. Замислете ден на избори кога во една просторија каде има гласање илјадници избирачи ќе гласаат, ќе заокружат со пенкало, ќе имаат личен контакт со членовите на избирачкиот одбор, рече Мицкоски.

Додаде дека во овие кризни моменти ова е ситуација кога човек одбира помеѓу личниот и интересот на државата.

Ова го велам од причина што сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите со убедлива разлика, но воедно одржувањето на избори ќе значи и изложување на илјадници граѓани, поточно над еден милион луѓе под директен ризик за нивното здравје и ширење на корона вирусот. Јас во овие моменти го одбирам, без трошка колебање интересот на државата и граѓаните, и затоа денес ќе побарам свикување на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски со точка на дневен ред разговор одлагање на превдремените парламентарни избори со цел заштита на здравјето на граѓаните, соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцираше дека потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата.

Нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална, и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо, додаде Мицкоски.