Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и кандидатот на коалицијата предводена од партијата за градоначалник на Охрид Митре Милошевски денеска остварија средба со претставници на субјеките од градот и околината чија дејност е директно поврзана со туризмот како стопанска дејност.
Мицкоски пред состанокот изјави дека целта на средбата со претставниците на хотелите, како и образовните институции, е да се поразговара за она што во минатото било успешен проект, истовремено и да се чујат предлози што во иднина би ја зголемиле и подобриле туристичката понуда на Охрид.
„Тука сме да слушнеме што можеме како идна локална власт во Охрид да понудиме ново што ќе додаде вредност во процесот на привлекување туристи, зголемување на квалитетниот туризам во градот, но и во земјата во целост. Ќе разговараме и за сето она што можеме да го добиеме како идеја за развивање на другите туристички центри во Република Македонија“, рече Мицкоски.
Тој пред медиумите ги посочи и негативностите, како што рече, што се секојдневие во земјата, зголемениот криминал, застој во градежните активности на автопатот кон Кичево.
„Мора да размислуваме како после победата на предвремените парламентарни избори и формирање на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да се забрза тој процес на интензивирање на протокот на туристи во градот. Очекувам квалитетна конструктивна средба, со нови идеи и сугестии како би можеле како идна локална и централна власт да помогнеме во тој процес“, истакна Мицкоски.
Кандидатот за градоначалник Милошевски најави дека во неговата предизборна програма врвен приоритет ќе биде туризмот, со стратегија за негов развој.
„Ги разгледавме сите проблеми со кои се соочува дејноста и цврсто сме решени да изнајдеме сеопфатна долгогодишна стратегија, изготвена од врвни експерти од Факултетот за туризам и угостителство кои имаат капацитет тоа детално да го обработаат и Охрид да го подготват за 21 век“, рече Милошевски.
Тој додаде дека чистотата и уреденоста на градот се важни фактори за успешноста на севкупната туристичка понуда на градот, најавувајќи дека сите проекти што ќе ги презентира во текот на предизборната кампања се во функција на унапредувањето и подобрувањето на туризмот.
Comments are closed for this post.