Очекувам сите парламентарни политички партии да ја поддржат резолуцијата без разлика дали се ДУИ, Алијанса, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица или коалициските партнери. Оваа резолуција ги содржи македонските црвени линии и затоа е потребно да застанеме во интересите на Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Мицкоски истакна дека резолуцијата не е на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа е заеднички документ кој го дадоа МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА Јустинијана прима и партијата намерно не интервенираше во содржината за да има автентичност тој документ и да биде семакедонска резолуција.
Под семакедонска не мислам само на македонскиот народ, туку мислам на македонската нација, сите кои се жители во Македонија нека ја поддржат. Оваа резолуција е ваква затоа што станува збор за македонскиот идентитет, нагласи Мицкоски.
Во однос на негодувањата зошто не биле други етнички заедници застапени, Мицкоски вели дека оваа резолуција е ваква затоа што никој не го спори идентитетот на албанскиот народ, на турскиот, српскиот, туку само на македонскиот.
– Од страна на Бугарија се задира во македонскиот идентитет, на македонскиот народ, посебност, култура, традиција, јазик., потенцираше Мицкоски.
Comments are closed for this post.