Поврзаноста на антизападниот пион Христијан Мицкоски со криминалите на неговиот ментор Никола Груевски излегува на површина, соопшти владејачкиот СДСМ.
Во партиско соопштение проследено со документи, СДСМ обвини дека конзорциумот во кој има удел претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кого го именуваат како Христијан Хидро Мицкоски, од владата на, како што се вели, носителот на криминалот Груевски, добил согласност за користење на вода и закуп на земјиште за изградба на хидроцентрали.
Мицкоски и конзорциумот во кој тој има удел, токму во време кога е советник на Груевски, во 2015 година, добиле државно земјиште од речиси 33.000 метри квадратни за изградба на хидроцентрала. Тоа, се вели во соопштението, е класичен судир на интереси. За СДСМ, очигледна е спрегата меѓу Мицкоски и Груевски и зошто погубно се следат криминалните политики од страна на антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш возврати, исто така, со сопштение во кое се истакнува дека, како што се вели, одродената и криминална власт на СДСМ е исплашена и мора да лаже, бидејќи граѓаните ги препознале нивните антидржавни политики. Според соопштението, единствениот политичар во Европа, кој што е аболициран за криминал, своите партиски војници упорно ги принудува да пишуваат соопштенија, со цел да ги изманипулираат граѓаните дека сите политичари се криминалци и нечесни како што е Зоран Заев.
Македонија, стои натаму во соопштението, не може да се надева на европска иднина без правната држава, која СДСМ ја укина. Граѓаните не може да се надеваат на влез во ЕУ со руинирано здравство, економија, образование, односно се додека Заев е премиер, а СДСМ на власт.
Comments are closed for this post.