Цели пет години чекаме датум за преговори со Европската Унија кој никако да дојде, а беше главното ветување на СДСМ. Не понижија, не засрамија, не предадоа и се уште сме заглавени во чекалницата на Европската Унија. 22 години, ревносно чекаме во чекалницата на ЕУ, некои држави тогаш не ни зборуваа за ЕУ, а денеска преговараат или се веќе членки на таа истата ЕУ. Овој народ и Македонија даде многу, а за возврат не добија ништо. Поради погрешната политичка стратегија им се одзема иднината на тие генерации млади луѓе, на овие млади луѓе кои ги гледам овде пред нас. Како продолжение на таа политичка агресија што се врши врз Македонија и македонскиот народ и граѓаните на Македонија пристигна последниот предлог кој е актуелен овие 2-3 дена. Тој предлог којшто овие од владата се прават дека ниту го виделе ниту слушнале, за него, а тие го договарале. Да бидеме на чисто, тоа е ништо друго освен капитулација без одлагање. Што би се рекло бугаризација на Македонија на рати или дипломатски нокаут – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вчерашниот протест кој се одржа под мотото „Протест за промени, затоа што премногу е“
Пред насобраните граѓани кои го подджаа овој протест, тој даде свое објаснување за она што се состои во последниот предлог за спорот со Бугарија:
Како прво, нема датум за почеток на преговори во тој предлог, туку има услов, ако сакате да почнете отворете го Уставот и исполнете ги барањата на Софија.
Второ не лажеа дека не преговараат за јазикот, дека не преговараат за идентитетот, а денес оние платени за волја на вистината малкумина владини пера, преку мали колумнички не убедуваат дека триумфирале по којзнае кој пат, го заштитиле македонскиот јазик. Па нели е премногу од срамот?
Трето, тоа што до вчера беше наш проблем со официјална Софија, во овој предлог станува наш проблем со официјален Брисел и целата Европска Унија. Или да бидам попрецизен асимилација, бугаризација па потоа европеизација или никогаш нема да бидеме дел од Европа.
Тој понатаму нагласи дека постојано има нови барања и ригидни уцени! Постојано инфлација на напади кон македонскиот народ и крајно неразумни притисоци.
Стојам овде пред вас, стојам наспроти владата, ако не е таму, сигурно ќе му пренесат, оваа порака е до Димитар Ковачевски. Те разбирам, знам каков проблем имаш, што би рекле нашите повозрасни ти си меѓу ковалната и чеканот. Од едната страна менторот, твојот стопан ти вели немој да си ја напуштил фотелјата уште имаш бизниси да ни заштитиш нам како семејство. И второто, твојот коалиционен партнер кој што ти вели немој да го отфрлаш овој договор, овој предлог затоа што утре ќе излеземе од владата и истата ќе ти падне. Немој да се грижиш, немој Димитар да се грижиш, еве јас сум тука, овој народ е тука, излези, охрабри се и одбиј го! Одбиј го овој предлог! Ние стоиме позади тебе! Одбиј го овој предлог, еднашка во животот одбиј го, охрабри се и биди достоинствен! Не го слушај менторот, остави ги овие кои што велат дека ти ја држат владата. Народот, народот е тој кој што бира и менува Влада. Овој народ ќе те оправда ако утре излезеш и го одбиеш овој предлог – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на македонските национални интереси.
Што се однесува до Бугарија, сакам јасно да посочам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. А, ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила во Собранието, тогаш идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и да применува. Тоа на сите треба да им е јасно.
Упати и порака до официјална Софија дека македонскиот устав нема да биде променет за да се вметнат бугарските барања во него.
Една порака и до официјална Софија, наместо да нѐ поддржувате како соседи, вие не блокирате и неповратно ги оддалечувате нашите два народи, македонскиот и бугарскиот. Наместо да нѐ поддржувате, вие нѐ сопирате, тоа ли се добрососедски односи. Наместо да дојдете овде во Скопје и да клекнете и да се извините за злоделата кои што сте ги направиле овде врз овој народ за време на фашистичката окупација во Втората Светска Војна, вие сакате да ни ја ретуширате историјата. Тоа не се европски вредности и тоа нема никаква врска со Европа. И тоа нема никаква врска со тие вредности за кои што сме се бореле од самото формирање на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е она кое што секој еден од нас го мачи, го тишти. И сакам уште еднашка да бидам јасен, 80 пратеника, 2/3 менуваат Устав, а тоа и зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека јас сум претседател нема да се смени Уставот, за да бидат бугарските барања дел од него.
Comments are closed for this post.