Германската канцеларка, Ангела Меркел, од Познањ порача дека е оптимист во однос на шансите Македонија да го добие долгоочекуваниот датум за преговори со ЕУ во октомври.

Како што јавува МИА одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали врши притисок врз скептичната Франција за зелено светло за преговори, Меркел порача дека Европската Унија и процесот на одлучување во неа не функционира со притисоци, но дека со оптимизам гледа кон есента, кога најдоцна треба да се донесе одлуката, два пати одложувана, за старт на пристапните преговори.

Германската канцеларка меѓутоа истакна и дека не се согласува со францускиот претседател, Емануел Макрон дека проширувањето на ЕУ и нејзиното продлабочување не можат да се одвиваат паралелно.

Се согласувам дека треба да се подобри ЕУ одвнатре, но тоа не е причина да не се почнат пристапните преговори, тоа само по себе не е контрадикторно, изјави Ангела Меркел на прес конференцијата по средбата на лидерите на ЕУ и на Западниот Балкан на самитот во Познањ.