Граѓаните се пред најважната одлука во историјата, договорот од Преспа е тежок компромис, но ја отвора врата на масата на НАТО алијансата за земјава – ова е клучната порака на првиот човек на Пентагон, Џејмс Матис.
Матис кој беше во неколку часовна посета во земјава вели дека за САД земјава е важен фактор во стабилноста во регионот, како и важен партнер во мировните мисии, но и во борбата со сајбер-криминалот.
Државниот секретар за одбрана, во обраќањето по средбата со премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, не ја спомена Русија, ниту пак стравувањето од руско влијание на референдумот, она што од Вашингтон мината недела порача дека е клучниот мотив за посетата во Македонија.
„Вашата земја само што ја славеше годишнината од прогласувањето независност, кога повеќе од 95 отсто од вашите граѓани гласаа да живеат во слобода како што вели вашата химна. Сега треба да се искористи демократската можност за да се оди во една нова иднина. Да ја цитирам канцеларката Меркел, ова е најважното гласање во историјата на вашата нација. Го препознаваме комплексниот политички процес кој што му претстои на вашиот народ и ве поддржуваме во остварувањето на вашиот демократски глас и одговорност да гласате“ – изјави Матис.
За Заев членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива, а високата поддршка за евроинтеграциите доаѓа од граѓаните. Посетата на Матис вели е во исклучителен период пред референдумот, за кој вели се обидува да обезбеди консензус. Премиерот порача дека земјите од Западен Балкан интегрирани во евро-атланското семејство се гаранција за стабилна превенција од како што рече „инволвирање на трети страни овде во регионот“.
„Во духот на иднината водиме политики за обезбедување на политичките фактори за ова прашање. Повикуваме на единство кога станува збор за остварување на стратешките цели на граѓаните на нашата земја а тоа се членството во НАТО и ЕУ. За Република Македонија членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива“ – рече Заев.
Македонската министерка за одбрана пак ја потенцираше помошта што вели Македонија ја добила од САД за добивање покана за членство во НАТО. Шекеринска која со Матис се сретна во Вашингтон пред да се потпише договорот од Преспа, вели пред една година земајва била заробен држава, сега е лидер во регионот.
„Нашите граѓани со својот глас ќе постават нов тон во регионот и република Македонија ќе биде на чело на тоа ново балканско поглавје.“ – изјави Шекеринска.
Матис се сретна и со шефот на државата. Тој најави дека референдумот, преспанскиот договор и македонската евроинтеграција ќе бидат на агендата со Иванов. Но, во соопштението од кабинетот на претседателот не сe споменува конкретно договорот од Преспа, ниту референдумот, само дека Иванов и Матси зборувале за актуелната политичка состојба.
Во сите соопштенија досега по состаноците на Иванов, стоеше дека претседателот ги кажал аргументите за штетноста на договорот.
„На средбата беа разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста. Македонскиот претседател истакна дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион.“ – стои во соопштението.
Државниот секретар се задржа во земјава само неколку часа. Според македонската Влада по барање на американската делегација и амбасада, новинарски прашања не беа дозволени. Безбедносните мерки беа до највисок ризик, во текот на целата посета безбедноста се надгледуваше и од воздух.
Посетата на Матис е прва посета на државен секретар за одбрана по 14 години. Последен пат во земјава беше Доналд Расфилд, кој се сретна со тогашниот премиер Владо Бучковски.
Comments are closed for this post.