Наша цел е успешен процес на уставни измени, брзо и темелно спроведување на европската реформска агенда и во 2030 Македонија да биде членка на Унијата, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервју за „Капитал“. Маричиќ нагласува дека наместо предвремени избори, што не се воопшто паметни во време на светска енергетска и економска криза и кои бараат континуитет и добро менаџирање, многу е поважно и попаметно опозицијата да ги надмине партиските интереси, да вложи напори и да учествува и во уставните измени и во процесот на преговори.
Мораме да имаме политички консензус кога се работи за правецот на движење на државата и европската перспектива. Секој да се постави одговорно кон оваа државна задача и да ги надминеме партиските разлики. Овој пат нема да биде ниту Грција, ниту Франција со нова методологија, ниту пак Бугарија која ќе стави вето. Следното вето може да биде од ВМРО-ДПМНЕ, односно самите да се блокираме на европскиот пат. Сигурен сум дека доколку ги завршиме уставни измени, имаме шанса многу побрзо да напредуваме во процесот на европска интеграција, и ќе имаме прилика да ги правиме промени во пракса многу побргу – кажа Маричиќ.
Според вицепремиерот внесувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот не е на штета на никого, а и содржински измената нема ништо спорно и е неспоредлива со уставните измени за промена на името.
Затоа сум убеден дека ќе се најде начин и решение, со помош на меѓународната заедница преку нивна поддршка и присуство во земјава, но и со помош на граѓаните. Имаме простор, до ноември 2023 година, кога завршува целиот скрининг, да ги завршиме уставните измени. Како Влада и како мнозинство во Собранието работиме на создавање поволна атмосфера, за да дојдеме до тие две третини гласови кои ќе поддржат уставни измени коишто содржински за никого не се спорни. Тоа јавно го кажуваат, дури и оние партии кои сега се противат на францускиот предлог, дека немаат против внесување на уште две, три или четири заедници во Уставот. На крајот одговорноста е и на секој пратеник, но и на сите политички партии кои се во Собранието – смета Маричиќ.
Comments are closed for this post.