Прашањето околу третманот и заштитата на медиумските работници беше главната тема на дискусија на денешната средба на министерот Маричиќ со претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Се разговараше околу потребата за измена на Кривичниот законик (КЗ) кој во моментот се работи со поддршка на Мисијата на ОБСЕ, со посебен фокус во делот на препораките на синдикатите, а тоа е медиумските работници да бидат опфатени со посебни одредби во КЗ.

Министерот Маричиќ истакна дека синдикатите ќе учествуваат во дефинирањето на одредбите од овој закон во делот на кривичните дела кои се однесуваат на различни форми на напади или закани упатени кон медиумските работници.

Покрај законските измени, соговорниците се согласија дека сепак е потребно одлучно постапување по службена должност од страна на надлежните институции за истражување и санкционирање на овие дела.

Воедно, на средбата се дискутираше и околу најавената измена на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, за кој Маричиќ истакна дека во моментот се подготвува анализа во која ќе бидат содржани и препораките за измени на законот, кои ќе се разгледуваат заедно со синдикатите.

Последна, но не и помалку значајна тема, беше околу измените на Изборниот законик во делот на одредбите кои се однесуваат на медиумите, за кои Маричиќ исто така најави соработка со синдикатите.