Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, во рамки на учеството на 73. Генерално собрание на Обединетите нации, присуствуваше на настан со сопругите на шефовите на делегациите учесници на 73. ГС на ОН, во организација на првата дама на САД, Меланија Трамп.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, првата дама на САД на приемот ги преставила активностите во рамки на нејзината кампања BE BEST, која е во насока на поддршка и промоција на програми и организации што им помагаат на децата во целиот свет, како и за нејзината прва самостојна посета на Африка во октомври.
Во рамки на приемот на шефовите на делегациите учесници на 73. ГС на ОН, кој го приредија американскиот претседател, Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија Трамп, покрај средбите со други гости, Иванова се сретнала и со јорданската кралица Раниа.
Иванова, како што информира Кабинетот на Претседателот на РМ, присуствувала и на настан на високо ниво што го приредила првата дама на Република Турција, Емине Ердоган, посветен на зајакнување на положбата на жената во Африка. На состанокот било порачано дека грижата за жените во Африка е хумана должност. Емине Ердоган ги презентирала и нејзините активности со ТИКА во африканските земји.
Претходно, во Детроит, Иванова ја посети Детската болница Мичиген, каде што беше запозната со севкупната работа на оваа болница, идните планови во нејзината работа, а беше разговарано и за можностите за соработка на болницата со здравствени институции во Македонија. Иванова ги претстави нејзините активности поврзани со детското здравје, со посебен акцент на децата со аутизам.
Иванова во Детроит одржа средба со истакнати преставнички на македонската дијаспора. Иванова беше прогласена за почесен член на Советодавното тело на програмата за женско лидерство на Обединетата македонска дијаспора.
Comments are closed for this post.