Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави, реагираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, и нагласуваат дека „наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“, пренесува Фактор.мк.
-Република Македонија останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето. Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди, се вели во сопштението на македонското МНРиНД по реакцијата на МНР на Бугарија на вчерашната изјава на македонскиот премиер Хрситијан Мицкоски дека „на Бугарија и пречи македонскиот јазик во Акцискиот план за малцинства“.
Процесот на изработка на Предлог-акцискиот план, како што посочуваат од МНРиНТ се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година и во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата, додека од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди.
-Потенцираме дека Република Македонија е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина. Остануваме цврсто посветени на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите наши граѓани, се нагласува во соопштението од МНРиНТ.
Сопштението следува по реакцијата на МНР на Бугарија на вчерашната изјава на македонскиот премиер Хрситијан Мицкоски дека на официјална Софија и пречи македонскиот јазик во Акцискиот план за малцинства.







Comments are closed for this post.