Луна паркот, официјално отворен вчера, а неофицијално уште минатата недела, на фирмата „Луна 10 Битола“, во Скопје е паднат од небо. Зошто? Затоа што никој не знае кој и каков договор склучил со фирмата Луна 10 Битола, за која во регистарот на фирми стои празна графа. Ни приходи, ниту расходи.
Пресинг ТВ, тргнувајќи од мотивот да се распраша како е дојдено до тоа да се издаде атрактивен простор за луна парк до салата „Борис Трајковски“, особено ако се знае дека главниот град нема место за масовна забава од таков карактер, популарните паркови „тиволи“ во Европа, како и да види какви се безбедносните мерки, тргна по приказната. Првин во Град Скопје, до каде ги испративме следните прашања:под чија надлежност е работењето на Луна паркот, кој го потпишал договорот, кој е задолжен за безбедноста во рамки на Луна паркот и дали тоа е означено во Договорот, за колкав период е постигнат договор за работа на Луна паркот, какви се претходните искуства на Град Скопје во соработката со вакви и слични дејности (Луна паркови, циркуси, патувачки театри…?) и како е решено плаќањето на данокот? Дали Градот, оносно градската каса има некаков ќар од такви бизниси?
Службата за односи со медиумите ни одговори:
„Станува збор за отворен парк со кој Град Скопје нема никаква поврзаност и допирна точка. Реквизитите за забавниот паркот се монтираат на земјиште кое е во приватна сопственост и изведувачот плаќа закупнина за пласирањето на реквизитите на одредената локација. Градот Скопје нема никаква надлежност за давање на дозволи за работа на вакви паркови ниту пак за контрола на нивната безбедност и исправност (на реквизитите). Од информациите коишто ги добивме од Општина Карпош, организатор е „ЛУНА 10 Битола“, субјект кој е регистриран за вршење на дејност „забавни и тематски паркови.
Станува збор за мини забавен парк од времен карактер, кој ќе функционира од 15 – ти мај до 15 – ти јуни 2019 година (еден месец). Просторот ќе биде ограден и околината ќе биде заштитена согласно сите стандарди за безбедност на вакви места. Доколку ви се потребни повеќе информации на оваа тема, обратете се до Општина Карпош или организаторот“.
Во општина Карпош исто ни рекоа дека станува збор за објект лоциран на приватно земјиште, па побаравме информација во Министерството за економија. Министерот Крешник Бектеши изјави дека тие не се инволвирани во издавањето дозвола за луна паркот.
Екипа на Пресинг ТВ вчера прошета низ луна паркот, а освен што доби слика на нервозна атмосфера, повеќе информации не доби. Она што паѓа во очи е дека на сите билетари е ставен натпис дека фирмата регистрирана од Панде Димов , односно „даночниот обврзник данокот на доход од вршење на дејност го плаќа според паушално утврден нето приход“.
И веднаш се поставува прашање – каде? Приход во Битола, во Кравари, или во Скопје? Затоа што не е исто да имаш приход во Битолско или во Скопје. Упатените во бизнисот велат дека во земјава има фирми кои работата со фискални сметки, но и други кои плаќаат паушал, што ќе рече нема ист аршин за сите. Во конкретниов случај се смета дека на локацијата во Скопје само во првите два пробни работни дена, значи пред официјалното отворање на луна паркот, се завртеле околу 45.000 евра. И тоа во лоши временски услови. Можеби оваа сума е напумпана, но јасно е дека заработката е голема, а паушалот несоодветен на неа.
Цената на билетите е 100 денари, а за кулата висока 33 метри 200 денари, додека на периферија на државата цените на билетите не одат повеќе од 30 денари. Исто така како прашање се наметнува дали е точно дека Луна 10 опремата ја внела преку Царината со АТА карнет, како што неофицијално дознава Пресинг ТВ. Тоа значи дека внесена е опрема, а во луна паркот своја опрема имаат и фирми од Србија, само за изложба, односно за саемска манифестација.
Comments are closed for this post.