Од партијата на Љубе Бошковски, која е дел од владејачката коалиција денеска преку соопштенија побараа ВМРО да влезе во преамбулата на Уставот, но и да се забрани името во имињата на партиите.

ВМРО како масовно, национално ослободително движење е првата организирана формација која ја издигнала идејата за независна Македонија за сите народности во неа, велат од таму.

Во нашето партиско име го нема предзнакот ВМРО, но го има во преамбулата во нашиот Статут, за да се оддаде почит кон организацијата која ги обединувала сите етноси во Македонија. Ниту ние, но и ниту една друга партија нема право да го злоупотребува тоа свето име за македонскиот народ. д, се вели во соопштението.

Според Обединети за Македонија, историското ВМРО е државотворна организација и ниту една партија нема право да го злоупотребува тоа име.

ВМРО е на секој граѓанин на Македонија и кон него треба сите да имаме почит, а не да создава раздор и омраза, се заклучува во соопштението.

Инаку Бошковски е дел од советничкиот тим на премиерот. Тој во април годинава беше назначен за посебен советник за странски инвестиции во кабинетот на  Зоран Заев.