Кривичните пријави поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и Левица против собранискиот спикер Талат Џафери и двајцата пратеници од власта кои во скафандер дојдоа на гласање се распределени  кај јавен обвинител, потврдија од ОЈО. Доказите кои беа наведени во пријавите сега ќе подлежат на сите неопходни проверки.

Кривичните пријави се пристигнати во Основното јавно обвинителство Скопје и распоредени кај надлежен јавен обвинител кој ќе постапува за утврдување на фактите и ќе ги направи сите потребни проверки согласно Законот за кривична постапка, одговорија од ОЈО за Алфа.

Кривичните пријави за пратениците Мирослав Богдановски и Бисера Костадиновска Стојчевска кои заразени со Ковид 19 гласаа во Собрание согласно обвинението можат да им донесат и до 10 години затворска казна. Пријавите се поднесени поради основано сомнение дека ги прекршиле членовите 205 и 206 од кривичниот законик, па така пријавата за  Џафери е бидејќи дозволил заразени пратеници да присуствуваат во Собранието, а против Костадиновска Стојчевска и Богдановски, бидејќи го прекршиле решението за изолација и во опасност го довеле здравјето на други лица.

Собранискиот спикер се правдаше дека неговата одлука да дозволи заразени пратеници со корона во скафандери да влезат во парламентот и да гласаат, била согласно протоколот усвоен во јули според кој пратениците кои се во домашна самоизолација,а немаат симптоматологија поврзани со ковид 19 под посебни услови и превентивни мерки можат да присуствуваат во собраниската сала. Со ваквото образложение тој сепак протоколот го става пред кривичниот законик во кој се предвидени санкциите за оние кои го загрозуваат јавното здравје.

 

извор: Алфа тв