Македонската економија е пред колапс, а граѓаните се на работ на егзистенцијата. Криминалниот картел на власт предводен од Зоран Заев неконтролирано ја задолжува државата и ги води граѓаните на Македонија кон должничко ропство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата нагласуваат дека вчера владата на СДСМ повторно ги задолжи граѓаните за нови 45 милиони евра.

-СДСМ ветуваше дека ќе го намали државниот долг, но откако е на власт јавниот долг ја премина границата од 5 милијарди евра додека државниот долг ја помина границата од 4 милијарди евра.  И ова ветување како и останатите ветувања на СДСМ се испостави дека уште една шарена лага. Додека црното економско трио Заев, Тевдовски, Анѓушев неконтролирано ги задолжува граѓаните, реализацијата на капиталните проекти е на очајно ниво. За првите осум месеци од годинава изнесува срамни 23,33 проценти. Нема нови проекти, а реализацијата на оние проекти  кои се наследени од ВМРО-ДПМНЕ е стопирана. Криминалните грантови и тендери доделени на високи партиски и државни функционери и открија на јавноста за што се трошат милионите од задолжувањето на државата, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека додека платите и пензиите стагнираат, трошоците за живот на граѓаните од ден во ден се се поголеми.

-Цените на нафтата вртоглаво растат како резултат на зголемената акциза на нафтата, а дополнителните буџетски средства собрани директно од џебот на граѓаните СДСМ ги потроши за скапата пропаганда за капитулантскиот договор за промена на името. Паралелно со финансискиот грабеж кој го спроведува СДСМ, Заев се обидува да истурка и досега невиден во светот идентитетски грабеж, формално правно олицетворен во капитулантскиот договор од Преспа. Заев свесен дека неговата политичка кариера е завршена, започна со распродажбата на националните и државните интереси. Се обиде на македонскиот народ да му го одземе името, јазикот, историјата, идентитетот, но не успеа. Граѓаните кажаа не на неговите политики, не на криминалот, не на капитулантскиот договор со Грција. 1.2 милиони граѓани во еден глас кажаа Македонија ќе победи, се наведува во партиското соопштение.