Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека согласно член 272 од Законот за кривична постапка, отворило предмет по допрен глас во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија.
Од ОЈО посочија дека следејќи ги реакциите на Здружение за бубрежно болни граѓани „Нефрон“ и написите на одредени медиуми кои укажуваат на низа недоследности при спроведување на постапката по огласот за доделување концесии на центрите за вршење дијализа, оцениле дека постои основ на сомнение што треба да се провери. Сомненијата, како што се наведува, укажуваат дека постапката е спроведена на нетранспарентен начин со индиректно фаворизирање на правни и физички лица при што познати меѓународни провајдери со големо искуство се ставени во подредена положба.
Воедно, посочуваат од ОЈО, постои основ на сомнение и во врска со одлуката за утврдување на референтна цена за хемодијализен третман согласно упатството за начинот на вршење на здравствената дејност која се однесува на лекувањето со дијализа, со која референтната цена на чинење на пакетот – хемодијализен третман кај хронична бубрежна инсуфициенција е зголемена од 4.855 денари на 5.400 денари.
Здружението на бубрежно болни, Нефрон, пред околу пет месеци предупреди дека Јавниот повик со кој центрите за дијализа се даваат под концесија е нетранспарентен и отвара основа за разни сомневања.
Тогаш ги испратиле и забелешките до Министерството за здравство. Во дописот стоело дека е индикативен фактот што повикот не е објавен ниту во еден дневен весник или портал, а рокот од 30 дена и одредени одредби се многу чудни и отвараат простор за сомнеж.
Здружението воопшто не било вклучено ниту консултирано во подготовката на Јавниот повик со кој центрите за дијализа се даваат под концесија на 20 години, а со тоа се дефинира нова стратегија во нивното лекување.
Здружението посочило дека се фаворизираат правни и физички лица, а меѓународните компании со големо искуство кои се производители на опрема за дијализа се ставаат во подредена положба.
Според последните податоци во Македонија има 1.600 пациенти кои се во краен стадиум на хронична бубрежна болест. Од нив, 1.350 на дијализа примаат редовен третман, на 250 им е пресаден бубрег. Секоја година нови 300 пациенти почнуваат со терапија.
Comments are closed for this post.