Скопје и Софија продолжуваат со интензивни разговори во рамки на работните групи со цел подобрување на соработката помеѓу граѓаните и институциите на двете држави, но процесот засега е ниво на размена на идеи и сѐ уште не постои заемено прифатлив документ. Ова во интервју за МИА го потврди премиерот Димитар Ковачевски, додека во исто време бугарскиот амбасадор во Тирана, Момчил Рајчевски најави дека наскоро може да се очекува работните групи да постигнат конкретни резултати.
Ковачевски во интервјуто за МИА, дадено на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, посочи дека е човек којшто верува во целта, меѓутоа и работи да ја оствари таа цел.
– Ние уште на почетокот на мандатот на оваа Влада и тоа на првиот работен ден практично имавме средба со премиерот на Бугарија и потоа отпочнавме процес на формирање на работни групи, во различни области од економија, инфраструктура, култура, образование, европски интеграции, коишто значат многу за деловната заедница, за образовната заедница и воопшто за сите граѓани на теми коишто гледаат кон иднината, коишто го подобруваат и работењето во соработката помеѓу граѓаните и помеѓу институциите на двете држави. Министерствата за надворешни работи работат на политичките прашања. Меѓутоа во моментов, како и во изминатиот период процесот е на ниво на размена на идеи и сѐ уште не постои заемено прифатлив документ, којшто би можел да биде споделен за одобрување во двете држави на ниво на институции коишто тоа треба да го направат, истакна Ковачевски.
Comments are closed for this post.