Премиерот Димитар Ковачевски рече дека со големо внимание ја проследил изјавата на поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски, и смета дека излагањето било корисно со оглед на неговото богато политичко искуство во извршување на најважните функции во државата.
-Бранко Црвенковски беше премиер 8 години и претседател на државата 5 години, што е 13 години извршување на највиските функции во државата. Тој секако има поминато многу, има многу искуства во своите мандати и има учествувано во носење на голем број одлуки, рече Ковачевски.
Црвенковски вчера ијзави дека Македонија нема шанси до 2030 година да стане членка на ЕУ и препорача земјите од регионот на Европската Унија да и предложат заеднички пазар и да побараат пристап до европските фондови.
-На секој состанок со ЕУ ние истакнуваме дека разликата во парите, кои ги добиваат земјите членки и кандидатите, е многу голема и дека треба да се намали за да се намали и јазот помеѓу земјите. Тоа беше корисно излагање од Црвенковски, рече Ковачевски.
За овој песимистички став на Црвенковски, премиерот вели дека тоа зависи од која временска перспектива се гледаат некои работи кои може да се чинат неостварливи или тешко остварливи.
-Разговарав со негови колеги, кои биле советници во неговиот кабинет, и велат дека за нив тогаш било практично несватливо дека може да се дојде до договор со Грција и да станеме членка на НАТО. Од денешна перспектива гледаме дека можело да се постигне договор и земјата да е членка на НАТО, рече Ковачевски.
Тој изјави дека никој не очекувал дека лани по блокадата од Бугарија дека ќе успее земјата да добие преговарачка рамка со ЕУ, но дека заедно со пратениците од нашиот парламент, како и со претставниците на 27 земји членки на Унијата, сега имаме преговарачка рамка.
-Верувам дека можеме до 2030 година да бидеме членка на ЕУ доколку ги донесеме одлуките кои што се очекуваат од нас и подоцна да го довршиме процесот на скрининг, да ги отвориме и затвориме поглавјата и за тоа има подддршка од земјите членки на ЕУ, рече Ковачевски.
Comments are closed for this post.