Ќерката на Таки Фити, Нина Фити од страна на владата е испратена да работи во Светска банка во Вашингтон како претставник на Република Македонија. Ова се информациите кои ги добивме, но засега владата не одлучи да и соопшти на јавноста кој е новиот претставник на земјата во Светска банка, рече денеска на пресконференција, Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Вработувањето на Нина Фити коинцидира со менувањето на  ставот на Таки Фити во однос на промената на името на Република Македонија. Академикот Фити, кој беше изразито против промена на името на државата и промената на Уставот го нарекуваше обезличување  на Македонците, наеднаш го промени својот став и промената на Уставот за него стана разбирлива и прифатлива работа, рече Костовски.

Тој додаде дека „ерга омнес“, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори за решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација, кажа Фити на 12 јуни оваа  година, а потребни беа само 3 месеци, академикот Фити дијаметрално да го промени својот став. Тој на 11 септември годинава во однос на промената  на името кажа дека „постигнато е она што беше релевантно за МАНУ – тоа се идентитетските прашања, јазикот, нацијата, културата и тоа се економските придобивките кои Република Македонија ќе ги има од склучувањето на договорот“, рече Костовски.

Тој додава дека Владата е должна да одговори дали Нина Фити е вработена како претставник на Македонија во Светска банка.