Со вкрстено испрашување на сведокот Звонко Костовски од странана обвинетиот Тони Јакимовски во Кривичен почна рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство.

Претходно обвинетиот Јакимовски кој издржува казна затвор во Куманово рече дека не му е добра здравствената состојба, односно имал висок притисок. Претседателката на судечкиот совет Џенета Бектовиќ го праша дали може да продолжи, тој рече ќе се потруди да биде сконцентриран и му постави прашање на Костовски за тоа кој ги користел пасвордите во системот „Најс“ и кој можел да креира нови лозинки или да ги користи “привилегиите”. Сведокот рече дека  „топ администратор“ е еден и не може да постои друг. Тој го користел “топ администраторот” и Небојша Сајковиќ, кој ги имал сите привилегии во системот.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.