Комората на сметководители години наназад реагира на репресивната улога на Министерството за финансии и неговата улога во уништувањето на сметководствената професија. Структури од Секторот за финансиски систем од ова министерство, наместо да ги извршуваат своите работните задачи во интерес на граѓаните, за што земаат плата, делуваат низ призма на исполнување на своите лични интереси притоа загрозувајќи ја егзистенцијата на 10.000 професионалци од дејноста.
-Помпезното најавување цела година на работна група за креирање нов Закон за вршење сметководствени работи, повторно се сведе на целосно нетранспарентно и нестручно подготвување на нов Нацрт Закон кој нема допир со реалните потреби на сметководителите. Револтирани од долгогодишната злоупотреба на позициите од овие лица, а по претходно доставена Реакција за која не добивме одговор, Комора на сметководители одлучи од утре, четврток, 22.04, од 12 часот, да се приклучиме на протестите пред Министерство за финансии, организирани од ТУК се до исполнување на нашите барања, изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.
Првото барање кое го адресираат сметководителите се однесува токму на изготвување нов Закон за вршење сметководствени работи кој ќе обезбеди заштита на фелата ќе гарантира права наспроти обврските, но истиот да се креира и донесе во инклузивен и транспарентен процес без обиди за манипулации од структурите во Министерство за финансии.
-Повеќе од една година како се справуваме со здравствено – економска криза предизвикана од пандемијата со Ковид – 19, каде недостатокот на соодветна и навремена поддршка придонесе за илјадници компании да престанат со вршење дејност и десетици илјади загубени работни места. Со жалење констатираме дека истата судбина ги очекува и дел од над 1800 претпријатија од сметководствениот сектор доколку продолжи игнорантскиот однос од страна на институциите за надминување на проблемите. Имајќи предвид дека токму сметководителите се единствената врска меѓу државата и стопанството и спроведувањето на сите економски мерки во пракса беше реализирано токму преку нас, затоа е неопходна и потребата од директна финансиска поддршка за зачувување на дејноста. Сето ова затоа што ликвидноста ни е на алармантно ниско ниво поради намалената економска активност и тешката наплата на побарувањата , истакна Митковски и објасни дека за надминување на состојбите се потребни неповратни финансии за сите друштва и трговци поединци од дејноста, поделени во 3 категории според број на вработени.
Државните институции наметнуваат рокови до кои ригидно се држат ставајќи го прибирањето на статистичките податоци над дигнитетот и добросостојбата на фелата и граѓаните кои работат во оваа професија. Ограничените човечки ресурси и кратките рокови сред пандемија само дополнително ги акцентираат недостатоците на системот, па оставени сами на себе сметководителите вложуваат натчовечки напори и работат деноноќно да постигнат се во рок, по цена на сопственото здравје и живот. Со секое доцнење во носење на мерките и законите, со доцнење во имплементација на дополнителните обврски од страна на институциите, товарот за надоместување на времето да се аплицира во рок, повторно е на грбот на сметководителите.
„Постапките што со месеци се одолговлекува со прибирање ситни политички поени во обиди за надмудрувања, сметководителите треба да го сработат во нереални рокови, притоа без наплата на трошоци и разни надоместоци затоа што не постои соодветна регулација на пазарот. Затоа бараме системско решение за пролонгирање на рокови за годишни сметки и даночни пријави, флексибилност и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок. Од овие причини и но и поради револтот акумулиран од непочитување на нашата професија, Комора на сметководители ги повикува сите сметководители и овластени сметководители, сите граѓани и здруженија кои ни даваат поддршка, во 12 часот пред Министерството за финансии да го изразиме нашиот револт до исполнување на нашите барања. Времето за преговори одамна помина, празните демагогии за задоволување на суетите ја доведоа сметководствената професија на маргините во општеството. Се што можеме е да го подигнеме нашиот глас и да се избориме со ригидноста на институциите за местото што ни припаѓа”, изјави Андреева.
Comments are closed for this post.