Повеќе елементи, директно или индиректно, придонесоа и влијаеја за фијаското на владејачката СДСМ и нејзиниот лидер на последните локални избори. Некои од нив се резултат на сопствени грешки и лоши потези на самиот Заев и владините политики, за дел причина се балканските престројувања и улогата на меѓународната заедница, а голем дел лежи и во инертноста кон решавањето домашни прашања и проблеми, како недостигот од реформи во областа на економијата, правосудството, целосното потфрлање во борбата против корупцијата, како и влијанието на клиентелизмот и политичкото подземје итн., пишува поранешниот новинар и директор на „Нова Македонија“ Панде Колемишевски во колумна за „Нова Македонија“.

Пренесуваме дел од колумната.

Паднаа Ципрас и Бојко, каква ќе биде политичката судбина на Заев

Катастрофалниот пораз што го доживеа Зоран Заев на локалните избори уште отсега може да се сумира како финале на неговиот политички пад, кој почна доста порано. Меѓу многуте спомнувани фактори што придонесоа за неговиот личен и партиски потоп може да се издвојат и неколку други поспецифични моменти, кои малку или воопшто не беа третирани на вистински начин од медиумите, аналитичарите, дури ни од опозициските перјаници.
Според моето убедување, два настана може да се оценуваат како клучни жешки точки по кои почна да се лади орбитата околу Заев и кога поголемиот дел од јавноста почна да му го врти грбот. Истото тоа му се случи и со позициите во Социјалдемократскиот сојуз. Ќе се обидам да ги образложам, со додавка дека, освен на нив, ќе се задржам и на влијанието на неколку други силни странични елементи што придонесоа потопот да биде со поголеми последици, дури уништувачки. Секако дека ќе се осврнам и на меѓународниот фактор.

Интервјуто за БГНЕС – почеток на крајот

Политиката е гранка разлисната со парадокси, еден од нив е парадоксот на Заев. Токму по големата политичка победа со постигнувањето на договорот со Грција, по еуфоријата со приемот на Македонија во НАТО и по меѓународните признанија што ги доби по тој повод, почна да слабее сончевата светлина што го грееше македонскиот претседател на Владата. По искачувањето на врвот, по окитувањето со домашни и меѓународни лаври, почна слободниот пад. Најмногу по автозаслуга, не исклучувајќи и туѓи влијанија.
Од каде почна и како продолжи приземјувањето на Зоран Заев? Иако не дозволува да се идентификува со Александар Македонски, првото копје, јавно, без никој да го тера, си го заби самиот точно пред нецела година, односно на 25 ноември 2020 година. Тој силен бодеж се виде во интервјуто за телевизијата на бугарската независна информативна агенција БГНЕС. Сите се сеќаваат дека Заев, не се знае под какво и под чие дејство, изигруваше поголем Бугарин од Бугарите. Мнозинството македонски чесни и лојални граѓани него го видоа во дотогаш непозната национална облека, изненадени како може еден македонски премиер да ги брани интересите на туѓа, а да ги негира, напаѓа и омаловажува на сопствената држава. Без да се наведуваат неговите ставови, кои ѝ се познати на јавноста, слободно може да се каже дека тоа интервју, тој негов неконтролиран бугаромански занес ја предизвика домашната национална бура, која не стивнува ни до ден-денес. Неговите ставови ѝ ја дадоа моторната сила на бугарската политика за поинакво гледање на Договорот за пријателство на голема македонска штета. Од своја страна, неговите изјави беа и борбен повик до Македонците, кој гласеше „народе македонски, со какви идеи си ти, доста беше, разбуди се, свести се, не спиј ти, срам голем е за тебе сам да не се знаеш“.

Заев, Бранко и Радмила

Вториот битен фактор е поврзан со првиот, односно со интервјуто и со повикот за будење. Тој негов антиисториски и антинационален излив, млаз по млаз, почна да ја урива и неговата водечка партиска позиција. Таа фаза беше првата гранична линија што покажа дека во СДСМ, под водство на Заев, за првпат се појавуваат пукнатини што може да го потопат бродот, иако гласините за внатрешните несогласувања по тоа прашање беа смирувани, криени и крајно потценувани. Знаците што укажуваа на можниот распад, Заев очигледно не ги препозна, одмавна со раката како ништо да не било. Прво беше ненадејната појава на Бранко Црвенковски, со изјавата дека поради изразените ставови на Заев го замрзнува своето членство. Црвенковски и така беше во хибернација, но токму кога изјави дека влегува во втора, поостра, тој всушност се одмрзна и се вклучи во акциите да се спречи националниот масакр што го подготвува Заев. Одмрзнат зад кулисите, по толку поминати години, одново му се јави јанѕата зошто го аболицира и го спаси од долги години робија и зошто Заев, наместо да му изразува благодарност, цело време му враќа со некаков вид омраза и одмазда.
Вториот внатрепартиски црн облак се надвисна нешто подоцна. Радмила Шеќеринска поднесе оставка од сите функции во партијата во која беше од дете и во која долги години беше потпретседател поголем од претседателот. Не го напушти Министерството за одбрана, со што на Заев му зададе два удара одеднаш. Со првиот внесе нова персонална делба во партијата, со вториот неосетно му ја зеде славата, а со тоа и сите ингеренции околу НАТО. Таа стана првиот, Заев вториот или третиот НАТО-адут. Наводното замрзнување на Црвенковски и вистинското растопување на Шеќеринска, чија долга рака сѐ уште виси на Бихаќска, беа првите знаци на сегашното цунами. Во меѓувреме, преку прогласувањето за неприкосновен партиски цар, обидувајќи се да ја зацврсти партијата и да се заштити себеси, Заев го направи катастрофалниот акт: се избра самиот себе, како единствен кандидат. Она што во секоја демократска држава и партија, она што секој западен политичар, аналитичар и разузнавач би го оценил како врв на диктатура во СДСМ беше огласено како врв на демократијата. Таквиот потег пријателите го простуваат, но не го забораваат.

Целиот текст во „Нова Македонија“