Како дејствуваат македонските властодршци? По мое мислење, од една страна, во поведението на повеќето македонски властодршци спрема посилните и помоќните, но не само кон нив, има елементи на тоа што Ниче го нарекува морал на робот, но, со таа разлика, што особеностите преминуваат во екстремни карактеристики – пороци. Имено, односот на нашите политичари се карактеризира со кукавичлук и недостоинственост, прашува во колумната за „Нова Македонија“ академикот Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ.
Според него, таков за жал е односот и на дел од македонските интелектуалци спрема властодршците. Од друга страна, односот на дел од македонските властодршци спрема граѓаните на Македонија примарно содржи елементи на пороци на господарот, имено, ароганција, неразумност, бескрупулозност, безобѕирност, алчност. Денес, геополитичкиот поредок е мултиполарен и се обликува, главно, од меѓусебните односи на трите суперсили (наведени по азбучен редослед) Кина, Русија и САД. Според тоа, синтагмата „ЕУ е единствено решение“ (а со тоа, во моментов, и САД е единствено решение) е бесмислена.
Да, можеби, во моментов, на прв поглед, ЕУ е подобро решение, но сигурно не е единствено. Токму таа понизна трка, наместо кон ЕУ, всушност, води кон бездна и засенува еден друг момент што е многу поважен. Сервилноста на нашите властодршци спрема моментално помоќните не само што е застрашувачка туку е и непродуктивна.
Потцртувам, достоинството се цени многу повеќе. И еднаш и засекогаш треба да се знае дека не треба да бидеме слуги, никогаш и никому. Оти односот на моќните спрема недостојните и сервилните е однос спрема слугите, а тие, моќните, се однесуваат спрема слугите „како што мајмунот држи орев во аголот на својата вилица; тој најнапред го зема во уста за да го чува, но најпосле го проголтува“ (Шекспир).
На крајот, би сакал да укажам дека петте особини на руските интелектуалци од осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век, за коишто пишував погоре, можеби се најдобро отелотворени во ликот и делото на Лав Николаевич Толстој, писател, филозоф и социјален активист, кој имал големо влијание во развојот на христијанскиот анархизам и ненасилниот отпор, идеи преточени во активностите на Махатма Ганди и Мартин Лутер Кинг.
Апатијата што постои меѓу граѓаните во Македонија сѐ повеќе придонесува да заборавиме да сонуваме. Оти, „Немаше одговор, освен оној општ одговор што животот ни го дава на сите најтешки и нерешливи прашања. Одговорот е: мора да се живее со дневните потреби, односно да се заборави на себе. Повеќе не е можно да се заборави во сон…, затоа, мора да се заборави сонот за живот“ (Ана Каренина). Сѐ ќе беше поинаку, а Македонија ќе беше подобро општество и ќе имаше просперитетна иднина, ако барем дел од интелектуалците и властодршците ги поседуваа петте особини. Но штом нештата се такви какви што се, можеби е време за ненасилен отпор.
Comments are closed for this post.