Заглавија разговорите за изборниот закон поради играта топло-ладно на коалицијата СДСМ-ДУИ во делот на имплементација на законската обврска за воведување на електронски отисок на прст.

Заев и СДСМ одбиваат да го спроведат тоа што е предвидено со закон и кое веќе го пишува во изборниот законик. Измислуваат изговори преку ДУИ купувајќи време и кочејќи ја реформата.

Минатиот месец претседателот на ДИК, Александар Даштевски во изјава за Курир истакна дека Комисијата нема да може да ја спроведе законската обврска бидејќи власта не одобрува средства за она што е пропишано со закон.

– Не е можно извршување на законските обврски без соработка со државните институции во Република Македонија, истакнувам уште претходниот состав пред донесување на буџетот побарал средства за извршување на законската обврска позната како „фингерпринт“ која е донесена во февруари минатата година со измени и дополнувања на законот, каде стои дека за локалните избори мора да биде спроведена. Пари во буџетот не се одобрени и по изборот и доаѓањето на овој состав поднесено е барање за одобрување на средства со трансфер на пари, потоа и јас лично поднесов барање со ургенција. Се уште немаме одговор од институциите. Доколку Министерство за финансии не реагира може да биде доцна и изборната комисија се ослободува од одговорноста за извршување на оваа обврска. Оваа обврска треба да се спроведе поради зголемување на степенот на демократија во избирачкиот процес. Од првите избори до денес имаме проблеми со постоечкиот начин на спроведување на изборите, изјави тогаш Даштевски.

Во меѓувреме средства се обезбедија, но се чини сега се прават напори на поинаков начина да се спречи спроведувањето на оваа реформа.

Постои сериозен сомнеж дека се подготвува кражба на изборите, и се прави терен за семејно гласање, полнење на кутии како што беше случај неколку изборни циклуси наназад.