Двете комисии во Собранието како уредна ја оценија иницијативата на Тодор Петров од Светскиот Македонски конгрес за организирање на нов, обврзувачки референдум за името. Според него, со сегашната спогодба Димитров-Коѕијас ја доведува Македонија во потчинета положба во однос на Грција и дека од држава стануваме територија.
Според него, „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?” е прашањето кое треба да биде поставено на референдумот што би се одржал доколу се соберат потребните 150 илјади потписи.
Иницијативата, како што појасни тој, е поднесена на барање на 179 граѓани, а согласно законските решенија потребно е најмалку 100 граѓани да поднесат барање за иницијатива за собирање потписи за распишување референдум на државно ниво.
На ова прашање избирачите треба да одговорат дали се „за” или „против” или да не гласаат. Прашањето е прецизно формулирано. Со иницијативата за дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Македонија граѓаните ќе ја проверат претходно донесената одлука за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија на седницата одржана на 11 јануари оваа година со амандманите на Уставот и Уставниот закон за нивно спроведување, рече Петров.
На тоа се спротистави пратеникот Самка Ибраимовски кој смета дека не е потребен дополнителен референдум за Договорот од Преспа бидејќи никој не му забранил на народот да излезе на 30 септември и да гласа против.
Aко една фудбалска екипа не дојде на натпревар го губи 3-0 службено. Вие знаејќи дека ќе го загубите натпреварот и дека ако излезете ќе се исполни цензусот намерно не излеговте. За нас референдумот е успешен бидејќи излегле над 660.000 граѓани-објаснува пратеникот.
Откако граѓанската иницијатива доби мислење за уредност од двете комисии, тие треба да поднесат извештај до претседателот на Собранието Талат Џафери, а тој потоа би требало преку премиерот да ја достави до ДИК.
Петров, како што претходно посочи, доколку се тече според процедурите, потписите би требало да се собираат од 15 февруари до 15 мај.
Но, она што е важно е доколку потписите бидат уредно собрани, нема рок кога тие би биле ставени во собраниската процедура.
Comments are closed for this post.