Во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија. На денешното рочиште треба да бидат изнесени дополнителните докази на одбраната на Митко Чавков, Душко Лазаров и Крсто Мукоски.
Дополнителни докази предложи одбраната на обвинетите Крсто Мукоски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ, Игор Југ и Александар Василевски Нинџа, но судијката Добрила Кацарска на минатото рочиште кажа дека добила известување од УБК дека доказите на Пепиќ не се декласифицирани, а доказите предложени од Нинџа не се прибавени на законит начин и судот не може да ги прифати..
Одбраната на Мукоски има предложено да се изведат стенографски белешки од неколкуте продолженија на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија од април минатата година.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски
Comments are closed for this post.