Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тендери“ и „Транспортер“.
Случајот „Тендери“ се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште треба да бидат сослушани двајца сведоци. Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на претседателот на судeчкиот совет Осман Шабани.
Во предметот првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.
Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
На обвинителна клупа денеска, исто така, треба да седнат и обвинетите во предметот на СЈО „Транспортер“.
Поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица во овој случај се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра
Comments are closed for this post.