Како заклучок: сигурно сум наследила особини од моите прадедовци, главниот свештеник Георги Б’ндев, куратор на црквата „Свети Климент“, каде со векови се чуваа моштите на светецот. Свештеникот Георги Б’ндев, заедно со својот внук, младиот свештеник Јоаким Мустрев, тајно ги пренесуваат круната и жезлото на Свети Климент во Бугарија пред инвазијата на српската окупаторска власт во Македонија по 1912 година.
Ова е крајот на текстот на Вида Боева, објавен на 9 декември во софиски „Труд“, под наслов „Вида, секретарката на Ванчо Михајлов: Ванѓа ми рече: Оди кај Татарчев, но внимавај!“
Во основа, текстот се однесува на средбата на Боева, родум од Охрид, со баба Ванѓа, која, наводно, ја упатила на средба со поранешниот бугарски јавен обвинител Иван Татарчев, кој е внук од брат на Христо Татарчев, еден од основачите на историското ВМРО. Нивниот контакт, пак, резултирал со предавање на оригиналните ракописи на стариот Татарчев, што тој му ги оставил на сопругот на Вида, Антон Попов, на младиот Татарчев.
Настрана останатите пораки на Вида Боева во објавениот текст, неговата содржина, а посебно заклучокот, добиваат на тежина во светлината на последните настани поврзни со Вселенскиот патријарх Вартоломеј Први, кој го тужи Пристонскиот универзитет за враќање на ракописи стари 1000 години, што наводно ги украла група од 60-тина Бугари од манастир во Северна Грција. Токму заради нив, Вартоломеј ги именува Бугарите како „банда престапници“, што предизвика бурни реакции во соседството.
Во овој контекст, како клучно се наметнува сознанието, што произлегува од заклучокот на Вида Боева во кој таа открива кој ги земал, кога и каде ги однел круната и жезлото на Свети Климент од црквата во Охрид. Овој податок можеби не е непознат, но го актуелизира прашањето дали Македонската православна црква ќе го следи примерот на Вартоломеј и ќе се осмели да го побара од Бугарската православна црква непроценливото богатство, што и припаѓа?! Дотолку повеќе што станува збор за нововоспоставени релации на црква-ќерка и црква-мајка.
Comments are closed for this post.