Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, по средбата со македонскиот министер Никола Димитров, порача дека имале „суштинска дискусија” за Преспанскиот договор и за изјавата на премиерот Зоран Заев за јазикот и македонското малцинство.
Катругалос посочи дека го отворил прашањето за контроверзната изјава на Заев и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на денешниот состанок на министри за надворешни на Алијансата.
Имавме суштинска дискусија со македонскиот министер за надворешни, двајцата се согласивме дека проблематичните изјави предизвикуваат сомнеж за вистинското значење на Преспанскиот договор и дека треба да се избегнуваат, токму затоа што двете земји инсистираат на верно почитување на духот и словото на Договорот кој е од корист за двете страни, изјави Катругалос, а пренесе МИА.
Тој додаде дека и двајцата се согласиле дека „она што точно го дефинира статусот на обврските на секоја страна е членот 3 (4), кој не остава никаков простор за интервенција во ниту една од земјите“.
Гркот потврди дека го отворил прашањето денеска со Јенс Столтенберг, покрај другите теми.
Го отворивме и тоа прашање, а Столтенберг ме информираше и за техничкиот процес што следи, бидејќи сите се надеваме на ратификација во двете земји.
Катругалос повтори дека треба да се биде „многу, многу внимателен” да не се создаваат сомнежи и погрешни интерепретации за тоа што го кажува Договорот“.
Грчки медиуми денес попладне објавија дека заради провокативните изјави на македонскиот премиер телефонски му се јавил посредникот на ОН, Метју Нимиц.
Но, оваа информација во изјава за Пресинг ТВ ја демантираше владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.
Според него, во Грција е настаната вистинска конфузија со несоодветен превод на тоа што го рекол Заев и притоа тој посочува дека усвоените амандмани воопшто не се однесуваат за јазикот и за малцинството во Грција.
Сепак, останува нејасно дали официјална Атина ќе реагираше на лош превод во медиуми и тоа од највисоко ниво, бидејќи се иста став како и владата се изјасни и претседателот Прокопис Павлопулос, и дали тоа прашање тука-така ќе беше поставено пред генералниот секретар на Алијансата.
Comments are closed for this post.