Во Археолошкиот музеј на Македонија денеска беше промовиран Каталогот-монографија за претстојната изложба насловена како „100 години Требениште“. Изложбата треба да биде отворена во почетокот на март и во Скопје ќе биде присутна шест месеци. Потоа, нејзини следни дестинации ќе бидат Белград и Софија, а свој интерес веќе имаат пројавено и Париз, Виена, Берлин…
Каталогот, како и изложбата, се резултат на соработката на соодветните институции на Македонија, Бугарија и Србија, што се случува за првпат по цели 100 години од откривањето на некрополата во археолошкиот локалитет Требениште кај Охрид. И во изданието и на изложбата, исто така, за првпат во историјата се и ќе бидат прикажани како една целина ексклузивните наоди на генерациите археолози, кои работеле на истражувањата на локалитетот.
На изложбата ќе бидат претставени петте златни маски од 6 век п.н.е., што се наоѓаат во Македонија, Бугарија и Србија, а нејзин составен дел ќе бидат над 400 експонати од четири музеи во трите држави каде што се чуваат.
Comments are closed for this post.