Лидерот на партијата Граѓанско демократска унија, Петар Колев, на својата официјална facebook страна сигнализираше за проблем, што се појавил на нашата граница со возилата со бугарски регистрации на кои на сопствениците не им било дозволено да влезат на територијата на РСМ, пишува Трибуна.мк.

 

-Додека целиот свет е обединет и бара начин да се стави крај на војната во Украина и ја осудува агресијата на Кремљ, се обидува да помогне на бегалците, македонското Министерство за внатрешни работи, заедно со царинската управа решија да се пресметаат со бугарските граѓани, кои живеат во Македонија. Неколку денови по ред стотици луѓе сигнализираат дека со нивните сопствени возила, кои се со бугарски регистерски таблички, не им е дозволено да влезат во РС Македонија. Вклучително неколку сопственици на правни субјекти, вработени во правни субјекти во соседна Бугарија, не им се дозволува со службените возила, кои се сопственост на соодветниот правен субјект, да влезат на територијата на РС Македонија, пишува Колев.

Тој додава дека како образложенија на сопствениците им се давани наводни царински прекршоци, измислени наредби на МВР и Царината, документи за одјава на адресна регистрација во Македонија и ред други разноразни приказни, а за возврат не им се дава официјален писмен документ зошто не може да влезе во РС Македонија.

-На фонот на обидите на сите прогресивни и про-европски сили во Македонија да најдеме решение на проблемите со соседна Бугарија, некој деструктивен елемент решил да се изживува со Бугарите и бугарските граѓани во Македонија.Знам дека некој дебелокож чиновник, политичар, началник или слично ќе ми објасни дека сето тоа е по Устав и Закон, но сум должен да ги потсетам истите дека бегалците од Украина кои дојдоа во нашата земја поминаа неколку граници, но само ние им побаравме зелен картон за нивните возила-каква шизофренија само?! Не би сакал да мислам дека некој во Скопје, со потекло од Куманово, кој на оваа етапа е министер за внатрешни работи на нашата држава, а срцето и душата му се некаде околу сплавовите во Белград, продолжува да си мисли дека може да ги малтретира Бугарите и бугарските граѓани во Македонија. Осознавам дека пред очи на сите оние длабоко скриени деструктивци им се гледа можноста за решавање на спорот со Бугарија и започнување на преговори со ЕУ и се спремни на сè, апсолутно сè, да ја уништат оваа шанса. Но, се обраќам до прогресивниот дел од македонската влада и македонското општество, земете мерки и расчистете ги тие мрачни сили од вашите редови, ние македонските Бугари и државјани на Бугарија немаме намера повеќе да ги трпиме, пишува Колев.

Тој ги советува сите сограѓани на кои што не им е дозволено да влезат со нивните возила на територијата на Македонија, да бараат од службеникот официjален документ во кој треба да пишува зошто не е дозволено да влезат и за овој проблем да ја известат бугарската амбасада во Скопје.