Двојно е зголемен бројот на заболени од морбилии. Од 2 февруари до денеска се регистрирани 58 новозаболени од кои 54 се од Скопје, двајца заболени се од Тетово и по еден од Гостивар и Гевгелија, информира епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Тој посочува дека 144 деца или 71 отсто од сите деца се невакцинирани или непотполно вакцинирани. Како што појасни, оние деца кои се невакцинирани се најекспонирани на заболувањето при што кај нив се очекува вирусот да навлезе и да предизвика болест.
Втората работа што е битна е тоа што 32 отсто од овие деца се на возраст под една година и не подлежеле на вакцинација согласно вакциналниот календар. Заболените се на возраст од еден месец до 54 години. Повеќе од 60 отсто од заболените се на возраст од една до четири години. Најекспонирана група е од една до четири години. Се работи за епидемија верифицирана и потврдена во нашиот Институт – вели Караџовски.
Епидемиологт нагласува дека во периодот од почнување на епидемијата, досега, вкупно вакцинирани во државата се 8.434 од кои 5.900 се во Скопје, а 2.534 во останатите градови. Според него, може да се очекува и натамошен развој на епидемијата, бидејќи таа се уште не го достигнала својот врв, поради тоа што само на територијата на Скопје има 50 отсто вакцинирани.
Додека не се достигне 95 отсто ниво на колективна заштита епидемијата ќе трае. Може да се очекува епидемијата да се дистрибуира и во другите делови на државата. Вакцината е коректна, имуногена и проверена во Европа и не постои ризик од каква било реакција – истакнува Караџовски.
Comments are closed for this post.