Во моментов не се размислува за воведување полициски час, но ако мерките не се почитуваат, не се исклучува и таа можност. Ако самите не си помогнеме, не може да ни помогнат ни 500 доктори, ни 500 медицински сестри ни 20 болници, порача денеска претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.

Караџовски на заедничката прес-конференција со министерот за здравство, Венко Филипче побара помош од целото население, од медиумите, од политичките партии да се почитуваат мерките за да не се оптовари здравствениот систем.

Зголемениот број на новозаразени, според него, се должи на собирањата и непочитувањата на препораките. Анализата на епидемиолошките податоци во изминатите три дена, укажува дека одредени настани се главниот промотор на зголемениот број на заразени. Протоколите не се почитувале, не се носело маска и не се држело дистанца.

Очигледно, тоа не се почитуваше. Овој есенски бран подрани. Со доаѓањето на сезонскиот грип, ова ќе се зголеми. Комисијата предложи два сета на мерки, едниот би се усвоиле следната недела преку собраниски измени, а вториот во понеделник ќе бидат презентирани пред Главниот кризен штаб,  рече Караџовски.

Тој предупреди дека со вакво непочитување на мерките може да има само влошпување на состојбата и може да се стигне до илјада новозаболени и повика на почитување на мерките, за да може „ем да живееме како што треба, ама со почитување на мерките“

Факт е дека дел од мерките се додадени за да нема групирање. Некои луѓе одат да се групираат, да ѓускаат. Никаде не беше речено да се организираат свадби, ама се одржуваат еден куп свадби. На социјалните мрежи се гледа како по четири лица седат на маса, добиваат сметка како да се посебни гости и на крај тоа испаѓа дека е свадба, рече Караџовски.