Kумашинот на Сашо Мијалков, Жарко Луковски, поседува атрактивна парцела на охридското крајбрежје заедно со кандидатот на СДСМ за градоначалник на Охрид, Костадин Георгиевски.

Ова го објавува порталот „Економски Лидер“ врз основа на документите од „Катастар за недвижности“.

Се работи за имотниот лист со број 786, за сопственост на парцелите 2743/2 и 2743/3, кои се наоѓаат на атрактивна локација во месноста „Конско“.

Според имотниот лист, парцелите се со вкупна површина од 4,736 метри квадратни и двајцата сопственици, Георгиевски и Луковски се сопственици со еднаков удел 50-50.

Инаку против кумашинот на Мијалков во овој момент се водат неколку процеси од страна на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО).

Според проценките како што пишува порталот ова земјиште има милионска вредност, ако се има предвид дека се наоѓа со директен пристап до охридското езеро и е во непосредна близина на локалниот пат.

Во овој момент локацијата не е подготвена за градба и нема маркица, но, како што се говори во охридската чаршија – се чека Георгиевски да победи на локалните избори за овде да никне хотел или друг туристички објект кој ќе биде изграден и покрај тоа што е на помалку од 50 метри од езерото (УНЕСКО забранува градба на вакво растојание).