Канцеларијата на премиерот Зоран Заев распишува конкурс за избор на раскази и песни за публикација на детската книга „Моето патување во Фантазија“.

Темата како што информираат владината прес служба произлегува од предновогодишниот  настан „Писмо од Фантазија“ на кој, при дружењето на премиерот Заев со ученици, беше презентирана бајка, дизајнирана и напишана на начин кој ја стимулира детската имагинација и креативност во педагошки и пошироки цели, како поттик децата да читаат книги.

Во „Писмото од Фантазија“, се раскажува за земјата Фантазија во која живеат најдобрите другарчиња на децата – Петар Пан, Зоки Поки, Златокоса, Пепелашка, Доктор Офболи, мечето Вини Пу и многу други, на кои им се заканува опасност од исчезнување ако  децата не читаат книги и ако не се дружат со нив. Опасноста доаѓа од  Големиот црн змеј, кој се вика „НИШТО“, и доаѓа по главните јунаци, кои можат да бидат спасени од децата, кои имаат љубов кон пишаниот збор и сакаат да читаа книги.

Конкурсот, наречен „Моето патување во Фантазија“ ги поттикнува децата да напишат расказ или песничка во која раскажуваат за нивните авантури во земјата Фантазија и како со своите дела, читањето и љубовта кон книгите им помагаат на хероите и јунаците во борбата за спас на земјата Фантазија, со што нема да се дозволи  исчезнување на нивните херои од приказните.

Песничките и расказите ќе ги разгледува седумчлена Комисија составена од четворица реномирани детски писатели, по еден претставник од Министерството за образование и наука и Министерството за култура и претставник од Владата на Република Северна Македонија, како претседател на Комисијата и уредник на изданието.

Право на учество на конкурсот имаат сите ученици од II, III и IV одделение од јавните и приватните училишта во земјата. Секој ученик има право да пријави само еден расказ или една песничка.

Авторските дела (раскази или песни) на учениците, се доставуваат до нивните одделенски наставници/наставнички, како нивни ментори, во дигитална форма (ворд документ), на мајчиниот или на  кој било друг јазик на кој учениците најкреативно се изразуваат. Расказите, треба да се во формат соодветен за рани читатели (до 500 зборови), додека песничките до четири (4) строфи.

Насловот на „ворд“ документот треба да го содржи името на песничката/расказот, додека на самиот документ под делото треба да стои име и презиме на ученикот/ученичката што го има напишано, име и презиме на менторот/менторката, телефон и е-пошта на менторот/менторката.

Одделенски наставници/наставнички сите собрани раскази или песнички треба да ги испратат по пат на официјална е-пошта на своите раководители на училиштата најдоцна до 9 јуни 2019 година, до 12:00 часот. Раководителите на училиштата добиените песнички и раскази, преку официјалните е-пошти ги испраќаат на konkursi@vlada.gov.mk најдоцна до 10 јуни 2019 година, до 18:00 часот. Сите електронски пораки кои ќе пристигнат по овој рок ќе се сметаат за некомплетни и нема да се земат предвид. За дополнителни прашања или информации, заинтересираните можат да напишат на: konkursi@vlada.gov.mk

По завршувањето на роковите, Комисијата ќе ги разгледа делата и ќе донесе одлука кои раскази и песни ќе станат дел од печатена публикација и тоа заклучно со 30 август 2019 година, додека резултатите од избраните раскази и песни јавно ќе се објават  во септември 2019 година.

Избраните дела ќе бидат објавени во публикацијата „Моето патување во Фантазија“., која ќе се печати во тираж и ќе биде промовирана на предновогодишен настан во декември 2019 година, а потоа донирана за збогатување на библиотечниот фонд во сите основни училишта и градски библиотеки ширум земјата.