Многу историја кријат архивите на поранешната, па и сегашната тајна полиција, што некогаш беше позната како УДБ-а, па СДБ, па УБК и конечно АНБ. Дел од нив предадени во Државниот архив, дел уништен, дел се уште постоечки, но во депоата на Агенцијата за национална безбедност.

Кога денеска во Битола свечено се отвора Културниот центар „Иван Ванчо Михајлов“ можеби треба да се потсети дека за некогашната УДБ-а, републичка и државна, југословенска, ни случајно не може да се каже дека не знаела што се случува во домот на Радко во Рим. Напротив, таа била добро информирана и успевала да дојде до него, до Иван Ванчо Михајлов, да спроведе акција под кодно име „Латина“ за добивање на неговата архива, да направи дури и интервју со него.

За жал, „Латина“ ќе се покаже без успех, зашто доживотната секретарка на Ванчо Михајлов, Вида Боева, со која директно телефонски комуницирал првиот човек на СДБ, Добри Величковски и тоа претставувајќи се како „Петре“, на крајот архивата, наводно, ќе му ја предаде на Асен Татарчев, поранешен бугарски обвинител. Но, ќе остане запишана дел од конверзацијата меѓу Вида Боева, алијас „Лихнида“ и „Петре“.

Во службена белешка од 6.9.1990 година, значи само неколку дена по смртта на Ванчо Михајлов, Величковски меѓу другото ќе запише:„Лихнида кажа дека ќе ја почитува неговата желба, која била внесена во тестаментот, а според „Лихнида“ пораката на Ванчо Михајлов е архивата да остане во Италија и да се користи за историски цели. И напомнав дека не би требала да дозволи архивата да падне во бугарски раце на што „Лихнида“ реагираше-Тоа нема да се случи никогаш. Но да знаеш и вие во Вардарска Македонија не заслужувате да ја имате“.

Е сега за интервјуто. Тоа во најмала рака може да се нарече контроверзно, зашто беше објавено во неделникот „Фокус“ цели 12 години подоцна, откако било направено. И што е поважно, според датумот кога е реализирано, може да се заклучи дека било прво пред неговата смрт, по кое следувале уште најмалку две, едно за италијански неделник и едно за бугарска телевизија, што веднаш биле објавени.

Автор на интервјуто бил соработникот на УДБ-а со псевдонимот „Стручњак“ зад кое се крие името на македонскиот писател Борис Вишински. Целата комбинација за реализација на средбата со Ванчо Михајлов се темелела на блискоста на Михајлов со архимандритот Георги Елдров. А, Елдров, пак, од службата бил проценет како личност, која може да го реализира проектот заради неговото познанство, соработка и пријателство со Борис Вишински.

На 1.6.1990 година службеник на СДБ ќе подготви извештај за одржаниот состанок со соработникот „Стручњак“. Во документот тој ќе ги изнесе видувањата на Вишински за средбата со Ванчо Михајлов, одржана на 7.4.1990 година во Рим, на која присуствувале уште „Лихнида“, односно Вида Боева, и нејзиниот сопруг Антон Попов, а за која претходно се договориле архимандритот Елдров и Ванчо.

„Стручњак“ ќе рече:„Ванчо ме покани да седнам и седнавме обајцата. Видов дека е мошне слаб, но кроток старец. Движењата му се бавни, ни тие не оддаваат дека е толку стар. Разговорот почна природно, при што јас му заблагодарив за интервјуто, што ми го даде. Тој ми рече „ми беше задоволство да му дадам интервју на еден наш човек“. Во разговорот учествуваа „Лихнида“ и Антон Попов. На моменти дискусијата стануваше вжештена и темпераментна, а Ванчо беше тој што ја смируваше „Лихнида“, која ми поставуваше провокативни прашања. „Оставете го човекот, се сакате да се дознае од прва средба. Има време, ќе се видиме и другпат“. На тие прашања што сум јас, им реков отворено дека јас сум Македонец и треба да ме прифатат како таков,  зашто ако тие се декларираат како Бугари, иако се од Македонија, јас ги прифаќам како такви и ако најдеме заеднички јазик, а треба да го најдеме, макар што имаме различни гледишта, ќе можеме да соработуваме и да бидеме пријатели. Тие тоа го прифатија и со една смиреност се изнесуваа различни идеи за една поголема толерантност меѓу Македонците и Бугарите, зашто само во една таква соработка може да се погледа в очи на иднината на Македонија.

За да му дадам на знаење на Ванчо дека тој ме интересира и како личност, му поставив и некои лични прашања на што тој ми даде одговор. На прашањето која личност најмногу влијаела врз него, тој рече „Даме Груев, тој беше идеологот. А, не го потценувам ни малку Гоце Делчев и неговата величина“. Кога го прашав кој настан во неговиот живот бил од пресудно значење, тој рече: „Тоа беше 1917 кога се распадна фронтот. Бев сам, бегав и дојдов на еден рид во близина на Штип. Седнав да се одморам и тогаш решив да не одам во Штип, туку да тргнам за Бугарија“. Дали пак би оделе по истиот пат, го прашав. „Без да се премислувам пак би тргнал по истиот пат, само би ги одбегнувал грешките“, рече и тоа беше со насмевка, мислејќи на грешките. Го прашав што му беше најмило во животот. А, тој одговори:„Да се борам за Македонија. А во личниот живот Мета Карничева“. Го потпрашав за жена му: „Таа жена ја запознав во една македонска куќа. Првата средба беше обична. При повторната средба која дојде набргу, таа ми стана блиска, како жена, а јас на неа со идејата, што ја носев со себе. И нас не сврза идејата. Таа беше и чувствителна и бестрашна жена. Јас ја одведов да го убие Тодор Паница, тој предавник и таа тоа го изврши успешно“. А, кога го прашав дали и како своја жена би ја испратил на таква задача, тој одговори:„Да, но не се укажа прилика…“.

Зошто било оставено толку долго време за објавување на интервјуто на Вишински со Ванчо Михајлов знае само УДБ-а.

Повеќе од очигледно е дека Ванчо Михајлов отсекогаш служел за политичка инспирација на разузнавачките лужби кога се загрозувал македонскиот национален идентитет. Неговиот антимакедонски однос, пак, сега е во основата на бугарската шовинистичка и асимилаторска политика кон македонскиот народ и македонската држава.