Денешното рочиште за случајот „Рекет“ дефинитивно даде јасна слика за тоа дека случаите на бившото Специјално јавно обвинителство биле предмет на директно пазарење за носењето на законот за јавно обвинителство и за уставните измени во републичкото Собрание. Ова недвосмислено произлезе од сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова, но и од нејзините одговори, што ги даваша на прашањата поставени од одбраната на обвинетите Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Катица Јанева.
-Во средината на декември (2018 година нз.з.) Јанева не повика во нејзината канцеларија. Ја образложуваше темата околу лобирањето за законот за ЈО и ми се обрати мене со зборовите: “Лиле, еве ти ги петте предлози кои ги имаш дадено да се одбие жалбата за притвор, ќе ги преиначиш и ќе напишеш на овие осомничени наместо притвор да се определи куќен притвор. Тоа истото ќе го направиш и за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, како и за Сашо Мијалков’“, рече обвинителката Стефанова.
На ова таа се спротивставила, по што добила дрзок одговор од Јанева дека тоа е нејзина одлука и дека треба сите да одат во куќен притвор, бидејќи тоа е важно за политичките процеси во државата и за носењето на законот за ЈО. Стефанова дури во одговор на прашање на одбраната на Јанева посочи дека зад терминот политички процеси стојат уставните измени.
-Јас сум долгогодишен обвинител, но донесување на закон за ЈО не може да биде основа да се промени мерка притвор во куќен притвор. На ова единствено се побуни Артан Ајро, а другите премолчеа, рече Стефанова.
Стефанова во своето сведочење истакна дека имала многу емисари за ублажување на мерките за претпазливост за предметот „Империја“, меѓу нив политичари, судии, професори… Притоа, таа не спомена ниту едно име. Одговарајќи на прашањата на одбраната на Боки 13 дали меѓу емисарите имало и судија од Основниот кривичен суд Скопје 1, Стефанова одговори потврдно. Дали тој судија бил од одделението за организиран криминал, гласеше следното прашање.
-Да, судијката Добрила Кацарска, одговори таа, без да биде прашана за името на судијата.
Следуваа уште две дополнителни прашања. Првото, дали судијата се јавила директно кај неа за да интервенира за „Империја“, на што следуваше одговорот дека тоа не се случило кај неа, туку кај нејзиниот колега. И второто, дали судијата била присутна во судот кај судијата во претходна постапка, кој одредил мерка притвор за осомничените, на што следуваше одговорот:
-Да, од рано наутро до касно навечер.
Потоа следувале барањата за давање на времени пасоши за Орце Камчев и за Цветан Панделески.
На 8 март додека бев на судење ми се јави Јанева, односно на стручниот соработник и ми викаше дека има предлог од Панделески за времен пасош, па да не чекал човекот да му ја дадам патната исправа. И реков да се вратам во СЈО па ќе видам. Тогаш и се јавив и реков дека нема поткрепа од медицинска документација и ќе дадам негативно мислење. Тогаш и Јанева рече добро, сум била во заблуда, рече Стeфанова.
Таа додаде дека во целиот овој период Камчев доставувал барања, нудел гаранција.
За Панделески дојде ново барање и таа рече дека ќе го прифати и самата го потпиша, сведочеше обвинителката, која додаде дека судот го одбил барањето бидејќи осомничениот немал медицинска документација.
Клучен бил еден состанок во април, бидејќи дотогаш Стефанова мислела дека се играат игри со Панделевски, ама тогаш на површина излегол и Камчев.
Имаше состанок на барање на Јанева. Беше видливо нервозна. Тогаш ми рече: “Ти Лиле дај му го пасошот на Камчев. Ќе даде гаранција од 3,5 милиони евра. Потоа ни даде задача и на мене и на Бурим Рустеми да направиме пресметка за предизвиканата штета во “Империја” и “Поштенска банка”, да си платат осомничените и тука да заврши се, рече Стефанова.
Тогаш му се јавив на обвинителот Гаврил Бубевски, кој имаше комуникација со Јанева, и му реков дека Катица сака на незаконски начин да ги затвори истрагите за “Империја” и Поштенска Банка”, рече Стефанова, која додаде дека Јанева ги избркала од состанокот и рекла: ” А сега марш, излегувајте од тука!”
Потоа, како што рече, додека била на одмор дознала дека на Камчев му бил вратен пасошот.
Таа потенцираше дека покрај Врховниот суд, и неодлучноста на Јанева ја заглавила истрагата за “Империја”.
Comments are closed for this post.