Иако дел од медиумите објавија дека државниот обвинител Љубомир Јовевски веќе решил што ќе прави по однос на писмото од Јанева, официјално од Обвинителството нема потврда.

Предлогот предметите од СЈО да бидат префрлени во Јавното обвинителство е на разгледување и се уште не е донесена конечна одлука од страна на Обвинителството, велат оттаму.

Очекувањата се дека одлука најверојатно ќе биде донесена утре.

Во меѓувреме Јовевски денеска беше на состанок со министерката за правда Рената Десковска. Министерката сподели фотрографии од средбата именувани како консултации за Законот за Јавното обвинителство. На фотографиите можеа да се забележат обвинителката од СЈО Ленче Ристоска, Јовески, академикот Владо Камбовски и други правници.

Како што дознава Пресинг ТВ на оваа средба се разговарало токму за предлогот на Јанева, а копјата се кршеле за член 6 став 5 од Законот за СЈО кој вели:

Јавниот обвинител на Република Македонија или друг јавен обвинител не може да презема истраги и гонење по предмети кои спаѓаат во надлежност на јав- ниот обвинител (на СЈО) без негова/нејзина писмена согласност.“

Во однос на толкувањето на овој член како што дознава Пресинг Тв биле „еден против сите“. Односно најголем дел од присутните на средбата повикувајќи се на овој член кажале дека немало правни пречки за преземање на случаите, додека еден од правниците се противел дека погрешно се толкува членот и оти Јанева нема законско право да ги предаде. Според информациите тој на присутните им предложил целосно „закопување“ на СЈО.

Во однос на писмото кое го испрати Јанева од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е доказ за координираноста меѓу власта и СЈО.

„Во однос на писмото кое што вчера било испратено тоа е уште еден доказ за прво координираноста, помеѓу власта и СЈО и второ за паниката во која што се зафатени затоа што ова е без преседан во македонскиот правосуден систем и мислам дека секој дополнителен коментар е излишен да лице кое што е обвинето за најтешки злоупотреби и кое што е во постапка на формално разрешување во моментов испраќа писма за работата за кое е обвинето, затоа што ова лице е обвинето токму за работата на Специјалното јавно обвинителство, во најмала рака е скандал и мислам дека ако малце држат од јавното обвинителство до себе и до својот морал и чест, воопшто не треба да влезат во никаква комуникација со ова лице, затоа што тоа лице токму тие го гонат, односно во моментот го истражуваат за да поднесат обвинение кон истото“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Премиерот Зоран Заев пак постапката на Јанева ја оцени како логична.

„И ако не се постигне договор, сегашните законски одредби велат дека предметите од СЈО треба да преминат во Јавното обвинителство. Правото на специјалниот јавен обвинител е опишано во Законот за јавното обвинителство и законски е дозволива одлуката на специјалниот јавен обвинител да ги предаде. Немаме контакти со Катица Јанева да прашаме зошто така постапила, но она што е очигледно е наближувањето на 15 септември кога завршува нејзиниот мандат и функцијата не може да ја пренесе на заменик или на избор на некој друг. Веројатно заради безбедноста на сите индиции, материјали што таму се обезбедени, така што не веруваме дека ќе влијае на преговарачкиот процес. Очекувам исчекор, утре би требало да се сретнат работните групи, ако двете страни се подготвени после консултациите, за да се продолжи во изнаоѓање решение кое би требало да биде до крајот на неделата“, рече премиерот Заев.