Верувам дека дневнополитичките игри и влијанија набрзо ќе завршат и науката ќе се согласи во врска со посебноста на двете нации и на двата јазика – македонски и бугарски, вели во интервју за МИА проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, нагласувајќи дека македонскиот јазик е признат од сите славистички и лингвистички центри. Таа ова го вели во контекст на прашањето поврзано со ставовите на официјалната бугарска политика за македонскиот јазик истакнувајќи дека во изминатите години научните академии на Македонија и Бугарија имале конференции и заеднички проекти.
Таа нагласува дека Институтот за македонски јазик целосно е посветен на проучување на македонскиот јазик на сите рамништа (дијалектно, историско, ономастичко, лексичко, на современ план) и на ширење на јазичната култура.
Во минатите седум децении, современиот македонски јазик си ја најде својата соодветна употреба во сите сфери на општествениот живот. Секогаш може да биде подобро. Секогаш има нови предизвици. Најновиот предизвик е влијанието на туѓата лексика во рамките на глобализацијата и дигиталната ера. Лингвистите се исправени пред задачата: колку што може да понудат соодветна македонска лексика за странските зборови или, барем, да ги приспособат на македонскиот зборообразувачки и формообразувачки систем, вели Јованова-Грујовска.
Во врска со електронското издание на Толковниот речник и „прашината“ што се крена поради некои зборови и зошто тие беа повлечени кога ги има во говорниот јазик, директорката на Институтот вели:
Секој речник ги евидентира зборовите што постојат во јазикот. Во зависност од обемот – мал, среден или голем, се прави подбор на зборовите што ќе влезат во планираниот речник. Толковниот речник на македонскиот јазик е од среден обем и така е објавен и во електронската верзија. Од повеќемилионската картотека во Институтот за македонски јазик (што, патем, е собирана повеќе од 30 години од нашите постари колеги) направен е индекс на 100 000 зборови што влегоа во Толковниот речник на македонскиот јазик. Секој збор е подеднакво важен. Доколку не е со неутрална и современа употреба, до зборот стојат квалификациите: дијалектно, разговорно, архаично, историско, хипокористично (за галовно), пејоративно (за погрдно). За спорните зборови се крена врева само неколку часа по објавувањето на електронското издание од луѓе, простете што така ќе кажам, што веројатно имаат консултирано малку речници. Се поставува прашањето, како се сетија да ги побараат зборовите во овој речник, но претходно не во Македонско-ромскиот речник, Македонско-албанскиот речник, Тритомниот речник на македонскиот јазик, Речникот на македонскиот јазик од Зозе Мургоски …
Лексикографијата е егзактна и се потпира на повеќевековни правила во својата работа. Едно од нив е систематичноста и прагот на исцрпност. Во случајот тоа би значело: зборовите за кои се крена врева и се повика на протести постојат во македонскиот јазик со ознака пејоративно. Меѓутоа, авторот на делот за географските и други имиња не сакајќи ги испуштил разговорните и погрдните називи за другите нации од ова поднебје. Затоа, редакцијата сметаше дека треба да се повлечат спорните зборови, да се доработат и потоа да се вратат заедно со називите за другите нации – во духот на систематичноста. Истовремено, потсетувам дека електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик нуди можност за предлагање нови зборови. Со соодетни контексти, во иднина тие ќе ја добијат можноста да станат дел од Речникот.
Но, голем предивик е и кадарот со кој располата Институтот, а тоа е проблематично.
Сега сме исправени пред најголемиот предизвик – вработување квалитетен подмладок. Пред три години, по дведецениска пауза, вработивме млад лингвист, доктор на науки од областа на историјата на македонскиот јазик. Минатата, 2020 година тој ја доби наградата за најдобар млад научник што ја доделува Претседателот на државата. На младите треба да им се даде шанса. Колегата д-р Борче Арсов ја доби шансата и се докажа. А ние се гордееме со него. Сакаме догодина да се гордееме со нови имиња на млади научници, вели директорката на Институтот за македонски јазик.
Comments are closed for this post.