Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на својата последна седница ги именуваше Јован Јаулески и Благица Ласовска за в.д. претседатели на Унијата на млади сили и на Унијата на жени. Тие ќе ги извршуваат партиските функции до конечната реализација на конкурсната постапка за изборот на нови претседатели.
Нивното именување следува по оставките на досегашните претседатели Лука Кржаловски и на пратеничката Даниела Рангелова.
Во партиското соопштение се наведува дека седницата била посветена на актуелната дневно- политичка и економска состојба во државата и на внатрепартиските случувања. Притоа бил потврден изборот на Никола Мицевски за нов координатор на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ. Неговиот избор доаѓа на предлог на досегашниот координатор Драган Данев, кому му биле одадени признание и благодарнoст за неговиот досегашен ангажман.
Смената на координаторот на пратеничката група, како што се наведува во партиското соопштение, не е во врска со актуелните случувања во и околу партијата, туку исклучиво заради натамошно поефикасно делување. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во иднина ќе делуваат како една пратеничка група.
Во однос на актуелната политичка состојба, се вели натаму во соопштението, на седницата на Извршниот комитет било констатирано дека без оглед на сите закани, уцени и притисоци, партијата ќе продолжи по истиот курс во заштита на највисоките државни и национални интереси. Партиските акти изгласани на валандовскиот и кумановскиот конгрес и изборната програма на која што членовите, активистите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија„ дале поддршка за не менување на Уставот, со цел промена на уставното име, и натаму остануваат основен приоритет во натамошното делување. Извршниот комитет, исто така, ги истакнал и евро-атлантските определби на партијата и поддршката на процесите кои значат реформи во државата, што имаат за цел да ја приближат Република Македонија кон стандардите на ЕУ и НАТО. Членството на Македонија во ЕУ и НАТО останува приоритет во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ, но со особен акцент на ненарушување на достоинството на Македонија и македонскиот народ, се вели на крајот од соопштението.
Comments are closed for this post.