Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави обвинителен акт против едно лице за соучество во убиството на Пино Секондо, соопшти Јавното обвинителство.
Оттаму велат дека обвинетата на 11 декември го повикала оштетениот, сега починатиот Пино Секондо, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров, а таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило Опел Аскона, носејќи со себе огнено оружје, пушка.
Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот Шкода со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште. Тројцата се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пино Секондо“, се вели во соопштението.
Понатаму, од обвинителството велат обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост.
Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе“, додаваат од обвинителството.
За обвинетата А.Ѓ. е поднесен и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор. Ваквиот предлог обвинителот го темели особено на опасноста обвинетата да се даде во бегство, соочена со кривична одговорност за тешко кривично дело, како што тоа го направил соизвршителот кој сѐ уште е недостапен на органите на прогонот. Исто така, од обвинителството велат дека постои основан страв дека обвинетата би можела да ја попречува кривичната постапка, да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело.
Comments are closed for this post.