Зоран Заев се пофали дека тој овозможил Македонското знаме гордо да се вее во НАТО. Колку самобендисана изјава. Кажана лично од главниот фабрикант на лажни вести во Македонија – реагираше Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ со објава на Фејсбук.
Понатаму Јанушев пишува:
Заев треба да знае дека македонското знаме гордо се вее поради саможртвата на гемиџиите, на војводите и комитите, на Илинденците кои ја создадоа Крушевската Република. Поради идеалите на Гоце Делчев, Дамјан Груев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Никола Карев, Димитар Беровски и илјадниците Македонци, револуционери и дејци, кои ги положија животите за независност и ослободување на Македонија. Гордо се вее знамето македонско поради партизанската епопеја на АСНОМ, на Македонците кои ги удрија темелите на современата македонска држава, поради Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски Питу, поради Ченто, Коста Солев Рацин и илјадници знајни и незнајни македонски револуционери, кои не се штедеа во борбата за Македонија. Знамето се вее поради Македонскиот народ и граѓаните на Македонија, кои на 8-ми Септември 1991 година, на единствениот успешен државен референдум, изгласаа независност и сувереност на Република Македонија. И поради секој жив горд Македонец, чесен и честит, кој си ја сака и почитува својата татковина.
А ти, Заев, што направи? Поплука на се ова, се испогани на сите жртви чии идеали беа слободна, независна и суверена Македонија. Ти тргуваш како на пазар со жртвите на сите кои гинеле за Македонија. Ти, Заев, го раскрчмуваш тоа што Македонците со векови го граделе, она за кое наместо за мотика, се фаќале за пушка, она за кое ги напуштале своите најмили, за кое и животите свои ги дале. Ти, Заев, имаш најмалку право од сите да кажеш дека поради тебе гордо се вее македонското знаме.
Тоа што си забегал во градењето на култ за себе, Заев, ќе пукне како меур од сапуница на следните избори. После тој ден, сите, па и тие кои сега ти аплаудираат и те потчукнуваат по рамо, ќе се срамат од тебе и ќе се обидуваат да го заборават ова твое тоталитарно владеење, засилено со “силување“ на сѐ она што значи МАКЕДОНИЈА. Ќе кажуваат дека само од телевизија те знаеле.
Времето ти помина, Заев. А, времето на македонскиот народ и на МАКЕДОНИЈА ќе остане вечно – напиша Јанушев.
Comments are closed for this post.