Ќе има ревизија скоро на сите универзитети, пријави веќе има за неколку и се постапува по истите, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска од Охрид.

Ќе почнеме од таму кадешто се пријавуваат неправилности и со тек на време ќе направиме ревизија на сите. Ревизијата на издавање на дипломи е прилично долг и макотрпен процес, но за се што ќе има пријава ќе се постапува. А веќе имаме и почнуваме да постапуваме, меѓу нив за т.н. Универзитет на Мерко, за еден државен универзитет, за еден приватен универзитет и кога ќе бидат завршени ревизиите тоа ќе биде јавно објавено – рече Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање за Меѓународниот универзитетот на струшкиот градоначалникот Размиз Мерко кој и покрај тоа што нема дозвола да работи има објавено Програма за аплицирање на студенти за медицинската струка посочи дека ќе реагираат, ќе помине Комисија од Министерството, Државниот просветен инспекторат и доколку е така ќе си сносат последици.

Останува на ставот дека универзитетите кои не ги исполнуваат условите ќе бидат затворени.

Универзитетите кои не исполнуваат услови не може да работат. Гледајте какви инвестиции правиме за да имаме услови за работа и да се стекнува образование и знаење, нема да дозволиме таму каде што нема услови да се работи – додаде Јаневска.