Во свеста на голем број Македонци, вградена е претставата дека Илинденското востание траело десетина дена, колку што траела и Крушевската Република, а главни негови протагонисти се Никола Карев и Питу Гули. Другите како да не постојат, а Илинденското востание како да се случило само горе, над Прилепското Поле, во планинските предели на кое е распослано Крушево.
Но, тоа не е така. Царот на Пиринска Македонија со востанието започнал токму на денешен ден, на Крстовден, на 14 септември 1903 г. (според стариот календар), кога во Крушево одамна се било мирно.
Тој, инаку, е уште еден од огнените противници на востанието. Сандански, кој по смртта на Делчев останал единствен на територијата се до Сер, воопшто не бил воодушевен од решението во Солун за кревање на востание. Го сметал за ујдурма на Гарванов и Сарафовци, како што ги нарекувал приврзениците на Борис Сарафов и решил да го бојкотира решението спроведувајќи ја својата замисла според која треба да дејствуваат само четитите, но не и населението. Сепак, и тоа дејствување на четите се свело на неколку половични акции, кои со оглед на погромот што се случувал во Битолско и Костурско, не вреди ни да се споменат. Меѓутоа, Сандански сметал дека решението за востание е толку сериозна грешка, што во спомените вели дека душата му се скршила кога дознал за тоа:
„Тоа беше во јануари 1903 година. Бев повикан во Серес за една многу важна работа. Поминавме преку Сингартиите, Либјахово, Ловча, Броди, Дутли. Тука дојдоа учителите Лазар Димитров, Ангел и Ѓорги Динев, и ни јавија дека во Солун се решило да се крене востание. Тоа беше како вистински гром да ме погодил. Паднав сосема скршен, не можев да одам. Пред да дојде она првото писмо во кое ме прашуваа за востанието, бев сосема поинаков, не чувствував ниту измореност, ништо… И се искажавме против кревањето востание, и јас во Јучдјурук испратив писмо со одговор. Им пишував и во Разлог и тие да се изјаснат, и тие се изјасниле против, и единствениот делегат од Серез во Солун бил против кревањето востание. Спомената вест морално не отепа; сосема друго мислевме за Организацијата, друго агитиравме, а сосема поинаку излегуваше. Веќе немав ни лице, ни срце да агитирам. Ги оставив момчињата да агитираат. Просто плачевме…
По атентатот врз тунелот (кај Ангиста што претставува последна акција на Гоце Делчев, н.з.), Делчев отиде во Солун, божем да ги разубедува да не креваат востание. Тогаш се дозна дека битолчани не сакале веќе да чекаат. Тогаш реков дека штом битолчани веќе не сакаат да чекаат од оваа страна на Вардар ќе треба само четите да дејствуваат, а народот на ниту еден начин да не се крева на востание… На селаните им велевме дека треба да ни ги дадат тие работи што ни требаат и ништо повеќе од нив нема да се бара. Им забранувавме да востануваат, велејќи дека само ние четите ќе дејствуваме колку што можеме… Два три дена заседаваме во Пиринско, кај Ливадката и решивме никој да не го вовлекува населението во борба, туку секој да гледа да стори колку што може. И тогаш решивме да го кренеме во воздух демирхисарскиот мост, а ако може да нападнеме и на градот. Го пративме потпоручникот Васил Ангелов со демирхисарската чета да проучат што може да се направи бидејќи аскерот варди од двете страни. Датата на востанието кога ќе започнеме со терористичките акции беше одредена за 14 септември – Крстовден.“
Тоа е исповедта на Сандански. Пиринскиот цар се кренал на востание повеќе од еден месец по смртта на Питу Гули, половина месец по падот на Смилево, девет дена по последната битка на Чакаларов кај Грамос кога неговите востаници, притиснати од османската војска која слободно надоаѓала од сите страни, почнале да напуштаат и една битка со Арнаутите, па војводата резигнирано запишал:
”Вчерашните херои се преобразија во страшливци и треба човек со сила да ги тера за да им се придружат на своите војводи и да си ги заземат местата; некои од нив дури натепав, а по некои стрелав со пиштолот во воздух за да ги исплашам.“
Сандански не е единствениот кој се борел во септември. Тука е и ресенскиот војвода Славејко Арсов. Тој и неговите востаници се борат во текот на целиот септември, кога тој, увидувајќи ја безнадежноста на натамошниот отпор донел одлука да замине за Бугарија. „Се сретнав со Груев и му кажав. Секое момче го снабдив со 3-4 леба, месо, сирење и со 24 момчиња, тргнав на 28 септември. Сугарев реши да остане… Се поздравив со Груев и Сугарев во Демир Хисар. Груев беше во манастирот св. Петар (Слимничкиот манастир)“, раскажувал подоцна Арсов. За него, Илинденското востание траело уште месец и половина по падот на Крушево.
Славејко Арсов
Претходно, на 21 август (3 септември) имал можност да ги види последиците од османлиската офанзива. „Меѓу ранетите жени имаше и една погодена во двете нозе, здробени и беа колената… Не ја зедовме во планината, туку ја оставивме блиску над селото, во еден дол, каде што паднала. Таа пиштеше и за да се спаси од маките, реков да ја убијат. Но момчињата не се решаваа, им било грев… До неа седеше едно девојче од 11-12 години, нејзина ќерка…“, се сеќавал Арсов.
Пандо Кљашев, костурскиот соборец на Чакаларов, во своето сведоштво забележал:
„Од 17 септември до 17 октомври Турците безмислосно не прогонуваа… Продолживме над Апоскеп, во месноста Дулите. Овде, другиот ден, на 30 август имаше девет часовна битка. Околу 200 војници уште во мугрите го опколија Апоскеп… Кога ни се доближија, ние отворивме оган…“, раскажувал Кљашев.
Пандо Кљашев (лево седнат) со Васил Чакаларов (во средината)
Иако не е мекој воин, Ѓорче Петров и неговата чета, кон крајот на септември, во Прилепско се соединуваат со околу 120 костурски востаници. Нив ги нарекува „херои“ за разлика од прилепските револуционери кои ги квалификува како „нашиве баби“. По соединувањето, тој прави план за терористички акции на пругата Лерин-Воден. Истовремено упатува писмо до Гевегелиско, Воденско и Ениџевардарско и побарал и таму да се преземат слични акции, што значи дека сметал за возможно востанието да продолжи со континуирани акции, надвор од населените места, така како што тоа го замислувале со Делчев.
Ѓорче Петров
Не успевајќи да го реализира планот, се раздвојува од прилепската чета и со костурчани, севкупно околу 140-150 луѓе, на почетокот на октомври се судрува со турската војска кај с. Чаништа. Во битката учествуваат и други легенди од периодот на првиот Илинден како Лука Џеров и Лазар поп Трајков, а посебно место во таа битка му припаѓа на Црногорецот Јово Јовановиќ кој задобил и рани. Тоа се првите денови на октомври.
А, Лука Џеров, војводата кој го предводел неуспешниот напад на Кичево на 21 јули (3 август) запишал дека „на 10 октомври му се стави крај на востанието“. За мнозинството од нас, тој крај е на 12 односно 13 август. Два месеци порано.
Comments are closed for this post.